Превентивните прегледи иницирани од д-р Врабевски во Мала Преспа спасуваат човечки животи
Жител на Мала Преспа, кај кого бил откриен тумор при годинашните превентивни прегледи, успешно е опериран во Пловдив, соопшти Фондацијата „Бугарска памет“ во објава на Фејсбук.
Според Фондацијата, претстои лекување и на други жители на Пустец, а трошоците за нивното лекување ги покрива д-р Милен Врабевски.
Во рамките на двете медицински мисии во Пустец годинава, бугарски лекари извршиле над 1.100 прегледи. Од Фондацијата наведуваат дека стотици луѓе добиле пристап до специјализирана медицинска помош и навремена дијагностика.
„Понекогаш еден превентивен преглед може да спаси човечки живот“, се наведува во објавата.
Фондацијата ја опишува иницијативата како долгорочна заложба за жителите на регион во кој пристапот до специјализирана медицинска помош често е ограничен.
„Најголемото задоволство за нас е повторно да ги сретнеме луѓето на кои сме им помогнале и да ги видиме здрави, спокојни и насмеани“, соопшти Фондацијата „Бугарска памет“.
