Ким Мехмети: РС Македонија е политички огранок на Србија, и во неa, како Албанците така и Македонците имаат чувство за етничка, но не и за државна припадност

////

РС Македонија и Македонците сè уште се робови на српските политички перцепции кои се темелат на тоа дека само Албанците и Бугарите се штетни за нивната држава. Во РС Македонија „Длабока држава“ не е Македонија, туку Србија. РС Македонија се уште е политичка „филијала„ на Белград. На Балканот успешно се спроведува само руско-српски проект. Државните институции во РС Македонија се во служба на владејачките партии, а не за граѓаните. Партиите станаа како трговски друштва. И Албанците и Македонците имаат чувство за етничка припадност, но не и за државна припадност. РС Македонија скапува одвнатре.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави македонскиот писател и новинар од албанско потекло Ким Мехмети. Тој е автор на 10 романи, меѓу кои „Седум ноќи тага“ (1990), „Селото на проколнатите деца“ (1998) и голем број збирки раскази кои се преведени на повеќе јазици. Во 1994 година ја добил наградата за национална проза со делото – „Судбината на Фатуша“.

Со Мехмет разговараме за актуелната политичка ситуација во РС Македонија и нејзините односи со Бугарија и Албанија, како и за српското влијание кое го кочи Скопје да влезе во ЕУ.

Ким Мехмети смета дека оставката на Зоран Заев е задоцнета и дека тој има многу причини да се повлече од премиерската позиција.

„Заев ја претвори државата во мочуриште во која не се случува ништо добро за граѓаните, а каде што во исто време се случуваат многу други, деструктивни работи. Значи во Македонија не се случи ништо за нејзиниот демократски и економски развој, ништо што би ја разликувал од времињата додека владееше режимот на ВМРО -ДПМНЕ – ДУИ. Заев само што го засили владеењето по правилото дека не и служи власта на државата туку државата им служи на интересите на властодршците “, нагласи писателот и новинарот Ким Мехмети.

Еден од големите проблеми на РС Македонија е што стана земја во која државните институции не се во служба на граѓаните, туку на владејачките партии.

„Во Македонија, ако си Албанец за твоите дејанија не одговараш пред институциите на државата, туку за тебе одлучуваат челниците на ДУИ, на партијата на власт. Отука, до одреден степен имате институционален народ, како што се Македонците, за кои се грижат институциите на државата, и ги имате Албанците, кои се „партиски народ, за кого се грижи само албанската партија на власт. Значи на некој начин, во Македонија има двовластие, што не може да му се препишува на Заев, oти таквото нешто тој го наследи, но само што тој се потруди таквото двовластие да го зајакне. Доказ за тоа е она што последните денови се случуваше со расподелбата на власта, при што јасно се гледаше дека Заев повеќе сметка водеше каде да се подели „пленот„ одошто како да се спаси државата.

Партиите во Македонија се налик на трговски фирми кои соработуваат по правилото која кому што ќе даде. Значи, дај ми го мене ова, а јас тебе ќе ти препуштам нешто друго и нема да те спречам да постапиш како што ќе посакаш. При тоа никој не прашува: А каде е државата?! Никаде. Македонија скапува одвнатре. Однадвор се чини дека се е стабилно, заштитено од НАТО, но внатре нема ништо, празно е. НАТО гарантира одредена безбедност за државата, но како ќе ги изградиме односите меѓу нашите граѓани внатре зависи од нас. – нагласи Мехмети.

Тој е дециден дека најголемите ризици за РС Македонија не доаѓаат од Албанците.

„Македонија нема да ја ризикуваат Албанците, како што се зборува со години. Македонија како држава е без перспектива затоа што и Албанците и Македонците немаат изградено чувство за државна припадност и кон неа се однесуваат како кон „привремена„ куќа“, вели познатата јавна личност и додава: „Ние сите сме лојални на нашата етничка припадност, но не сме изградиле однос кон државата. Понекогаш имате чувство дека и Албанците и Македонците, неа не ја чувствуваат како своја држава, заради тоа што Македонија не е изградена за граѓаните. Како и затоа што таа се гради како што се градеше во бивша Југославија, кога за неа се грижеше стариот брат – Србија. Значи и денешна Македонија се гради по принципот дека нашиот постар брат ќе се грижи за нас, дека нема потреба да се грижиме за судбината на државата. Така да, додека порано таа грижа за Македонија му припаѓаше на Белгрда, сега таа улога ја има Брисел.

„Во бивша Југославија, кога ние Албанците кревавме глава, доаѓаше Белград, не скротуваше со сила, за да можат Македонците мирно да спијат и да не се грижат дека Албанците со било што ќе ги загрозат. „

Според Мехмети, логиката сега е иста, само што се е свртено кон Брисел.

„Во Македонија се култивира свеста дека Брисел нема да дозволи неа било кој да ја загрози. Се навикнавме да западни преговорувачи кои ќе ни кажат што треба да се стори. А тука, ако ние – и Македонците и Албанците – не одима потаму од етничкиот интерес и да го почитуваме и државниот интерес, тогаш ќе немаме држава. За жал, како што одамна тврдам, од политички аспект гледано, Македонија и Македонците сè уште се робови на српската политичка памет, која се темели на тоа дека само Албанците и Бугарите ја ризикуваат државата. И се разбира, ако тие останат робови на овој ум, тогаш нормално е тоа да не му дозволите на немакедонецот да развие чувство за државна припадност“, вели познатиот писател и новинар.

Тој смета дека токму ваквата „српска памет“ ја загрозува Македонија.

„Помина 30 години, а Македонија се уште се занимава со истите прашања. При што ниту едно меѓуетничко албанско-македонско недоразбирање не го решија самите, без помош на некој западен посредник “, рече Мехмети.

„Овдешните политичари се навикнати да дојде некој однадвор и да им ги решава споровите, како на пример некогашниот со Грците, а сега тој со Бугарите. Во меѓувреме државата тоне во калта на безнадежноста, младите ја напуштаат и се заканува опасност во Македонија да останат само приврзаниците на владеачките партии.

За „длабоката држава“ во РС Македонија, Ким Мехмети го вели следново:



„Насекаде има некаков вид на „длабока држава“. Но, секаде длабоката држава е иста со таа вистинската. Само во Македонија „длабоката држава“ не е Македонија, туку Србија. Сметам дека Македонија сè уште е политички огранок на Белград и дека таа е заложник на руско-српскиот проект за тоа како да се држи под контрола Балканот“.

Според Мехмети, стратегијата на Русија е да има латентни конфликти, кои ќе може да ги активира кога ќе посака. На пример, таа успева да ги држи под контрола некои земји од поранешниот Советски Сојуз благодарение на присуството на војници на границите со земјите што сака да ги дестабилизира.

„На Балканот, преку Србија, Русија контролата на овие простори ја реализира со друга стратегија: преку латентните конфликт, односно преку конфликтите ставени во мирување. Така, на Балканот имате 3-4 земји кои имаат елементи на привремени држави, кои Белград кога сака може да ги дестабилизира. Што е на пример Босна? Босна, на пример, Србија може да ја дестабилизира кога сака. Доволно е да му даде сигнал на Милорад Додик и потоа Белград да се појави во улогата на „миротворец“, онака како што беше во времето не Милошевиќ, кога мирот го градеа тие кои ги предизвикуваа војните. Таков е случајот и со Црна Гора, што се покажа со последните црковни прашања. Тука е и Косово, која Србија може да ја дестабилизира преку северна Митровица, па затоа Белград никогаш не бил, и не е, заинтересиран да се изнајдат трајни решенија на Балканот“ рече Мехмети.

РС Македонија, Белград ја контролира токму преку тој конфликтуозен „српски ум„ кој изнаоѓа непријатели кај тие без чија поддршка никогаш не може да има добра иднина“.

„Заради таквата политичка „српска памет“, и денес, Македонците и кога губат од Србите во фудбал, ги пцујат Бугарите и Албанците и скандираат „смрт на шиптарите“ и „бугарски татари“. И никогаш не успеав да откријам за што сме виновни ние, и тогаш кога тие јадат ќотек од другите“, изјави Мехмети.

Според Мехмети, ние често забораваме дека живееме во простори каде што сличните народи по јазик, култура, религија…, измислуваат разлики меѓу себе, чиниш само за да имаат зашто да се мразат, а различните, изнаоѓаат сличности, за да имаат причина да се сакаат.

„Сето тоа докажува дека многу од Балканците имаат проблем со својот идентитет. Тоа најјасно го докажуваат македонските елити, кои измислија разлики и таму каде што ги немаше со народот со кој се насјлични – со бугарскиот народ. . Кој народ е со Македонците поблизок историски, јазично и културно, од Бугарите? А таквите разлики ги измисли Белград, а ги спроведува Скопје. Од друга страна, ние Албанците, како засебен народ кој нема ништо заедничко со било кој друг балкански народ, се изморивме излмислувајќи нешта што не поврзуваат со другите. Ете на пример, денешниот премиер на Албанија, Еди Рама, се збратимил со српскиот претседател Александар Вучиќ, што е апсурдно, а се со цел пред светот да се прикаже како човек со отворен ум, кој ги поддржува дури и српските проекти за „Отворен Балкан“. Проекти кои се дел од српско-рускиот „Отворен свет“ за кој зборев, проект кој ги дефакторизира Албанците на Балкнанот, кој го делегитимира Косово. И истиот тој албански премиер, на англиски јазик објаснува како Косово е против Балканот без граници, што значи како Косово не допринесува во стабилизирањето на Балканот, и како косовскиот премиер е тој белаџијата кој не сака да се збратими со Вучиќ, со човекот кој е излезен од капутот на Слободан Милошевиќ, со човекот кој беше меѓу ти што го убиваа Сараево, со човекот којшто се закануваше дека „за еден убиен Србин, ќе бидат убиени стотина муслимани“, рече Ким Мехмети.

Тој ја коментираше и антибугарската хистерија што ја зафатил Македонија во последните две години.

„До пред неколку години, Албанците им беа доволни на Македонците како нивни „природни“ непријатели. Но во меѓувреме, се чини дека тое не им беше доволно, и имаа потреба од нов непријател. И го најдоа – Грција, кои се „потрошија“ дента кога го сменија името на државата. И откако престана хистеријата дека Грците не не сакаат, но при тоа одејќи на одмор во Грција, дојдоа на ред Бугарите и Бугарија. И секогаш истото: преовладува говорот на омразата и ирационалните постапки, При тоа, никој до денес не успеа да ја објасни причината за таа хистерија и која е добивката од таквата ирационаност.

Пред неколку дена јавно изјавив дека Гоце Делчев не е прогласен за Бугарин од сегашната бугарска влада. Дека тој самиот се декларирал како Бугарин, дека тој се чувствувал Бугарин. Што има лошо во тоа ако некој бугарски револуционер допринел за создавање на твојата држава? Напротив, треба да се чувствувате уште поблиски со овој народ. Или, чија историја на Балканот е повеќе испреплетена од онаа меѓу Македонците и Бугарите? Ниту една. И место ова, овие две земји и овие два народа да ги зближува, се случува спротвивното. При што, понекогаш имам чувство дека, што се однесува до бугарско-македонските недоразбирања, има нешто што, условно кажано, Софија се уште не го разбрало како што треба. Односно имам чувство дека Софија не сфатила, или не сака да сфати, оти, условно кажано, таа не преговара со Македонија туку со Србија, со „српската политичка памет“ која доминира во Македонија“

На прашањето што би сакал да им каже на Бујар Османи, Зоран Заев и Стево Пендаровски, тој одговори:

„На првите двајца ништо, и не ми паѓа на памет да разговарам со нив. И тоа од причини што се грижам за личната хигиена. А и по природа не сум човек што дели совети затоа што се придржувам кон начелото дека на паметниот нема што да му се објасни, оти тој знае како да постапи, а и на будалиот залудно нешто му објаснувате, оти тој ништо не разбира.

Ким Мехмети истакна дека Белград се уште се води од идејата дека не се завршени сите војни.

„Според многу нешта, имате чувство дека за Белград, се уште не завршиле битките започнати во време на Отоманската империја, вклучувајќи ја и Косовската Битка. Та затоа од Белград повремено доаѓаат вести како Србија ја штити Европа од „исламксиот балански коридор“, или за ред други ирационални битки кои ги Србија, која беше и остана „црковна држава“.



Претходна статија

Николоски: Доказ дека изминативе години владата на Заев се мешаше во судските одлуки е договорот со Гаши

Следна статија

Демант на Беса Транс: Ниту можеме, ниту сакаме да организираме екскурзии

Најново од Вести