Ким Мехмети: Што ги прави луѓето да заборават кои биле и да не знаат кои се!

/

Пишува: Ким Мехмети

Во мојот албум со црно бели фотографии има многу од тие кај што сме јас и мојот најдраг пријател од младоста. А тој се исели од Скопје во годините кога во Приштина се случија студентските демонстрации, кои демонстрации го означија почетокот на крајот на социјализмот и распаѓањето на бивша Југославија.

Значи Тој се исели од Македонија кога во Косово почнаа да заминуваат полициските колони што требаше да се борат против „албанскиот иредентизам”, а меѓу кои и македонските полицајци, кои, без некој да ги прашува, се фалеа со тоа како ги мачеле и тепале „клетите шиптари”.

Значи, тој го напушти Скопје кога јас се уште лутав низ животот и светот, но при тоа знаејќи дека Македонија е „политичка филијала” на Белград и нива во којс Српската Академија ја сееше омразата кон Албанците. И каде што тогашниот југословенски режим , кај Албанците во Македонија, го тестираше тоа што се готвеше да го примени во Косово. Како на пример рушењето на авлиите, мешаните паралелки, забрана на именување на новороденчињата со традиционални албански имиња…, и ред други мерки што требаше овдешните Албанци да ги принуди да го прифатат неможност: да ги имаа, но до не постојат.

Откако Тој се исели од тука, Скопје за мене веќе не беше оној некогашниот град. Со неговото заминување исчезна една од поважните причини заради кои копнеев да дојдам во градот на моето детство и младост, градот кај чиј Камени Мост седевме еден покрај друг и со часови разговаравме за книгите што ги читавме и за тоа што ние го пишувавме.

И мислам дека од сите негови пријатели, мене најмногу ме растажи неговото иселување од Скопје. Да не грешам душа, но имав чувство дека многумина од неговите познајници му се радуваа на неговото заминување. И тоа можеби токму заради тоа што го правеше толку близок за мене: што беше поумен и по надарен творец од сите нас останатите. А можеби и заради тоа што не беше „чистокрвен” Македонец.

Но како и да е, тој замина. Ги остави зад себе спомените од времињата на нашето дружење, како и мојата верба дека е невидена среќа и богатство да имаш еден пријател како него. Зад себе тој го остави и копнежот што се преточуваше во километарски долги писма кои му ги пишувавме и ги праќавме еден на друг, а кои почнуваа со многу копнеж и желба што поскоро да се видиме.

Нашите подоцнежни средби ја имаа ознаката по која се препознаваат празничните денови. Но како што обично бидува, годините заминуваа и ете, денес, нашите синови се на возраст на која бевме ние кога Тој замина од тука и кога мене не ми беа доволни денови, ниту недели и месеци, туку цели години, за да можам да се навикнам на Скопје кое го има Камениот Мост, но не и него, мојот тогашен најдраг пријател.

Во меѓувреме се случија многу нешта. Само животот остана тоа што бил секогаш; преполн со спомени од минатото и со соништа што би сакале да ги живее во иднина. Значи во Македонија се променија многу нешта. Таа помина низ многу политички „темни игри”, го преболи конфликтот од 2001, го промени името, стана членка на НАТО…, и сега ги равни историските сметки со Бугарија.

Тоа што во Македонија остана непроменето е билката на омраза кон Албанците, билка чие семе Белград го засади многу длабоко во овие простори, тука кад што и ден денес, голем број на Македонци, и кога јадат ќотек од Србите, и кога се навредени од Грците, тие или ги пцујат „татарите бугари” или бараат „Смрт за шиптарите”. Значи во Македонија многу нешта се променија, но по многу што таа остана тоа што беше во бивша Југославија: политичка филијала на Србија, нива во која српските кругови го сеат антиалбанското семе.

Да, во Македонија многу нешта се променија. Се променивме и ние некогашните млади момци. Ако не друго, остаревме. И не само толку, туку се чини дека веќе не веруваме во тоа што верувавме додека бевме млади. Што значи дека не сме тоа што бевме, а што не треба да значи дека не знаме кои сме денес.

Што се однесува до мене признавам; од дента кога јавно обзнанив дека нема да објавувам на македонски јазик се додека не се озваничи мојот мајчин јазик, јас не верувам во многу нешта на кои верував во млади години.



И таа моја одлука не беше одраз на мојот став кон македонскиот народ и неговиот јазик, туку кон антиалбански дух што провејуваше низ Македонија. Тој мој став го одразуваше и моето сознание дека Македонија не е почва во која можеш да ја засадиш билката на граѓанскиот и мултиетничкиот концепт. И дека да бидеш поборник на тие два концепта ти овозможуваат да жнееш донации, но не и да допринесеш да се промени овдешната реалност.

За да се промени мојот однос кон Македонија и реалноста во која живеам ме поттикна и сознанието дека нејзините државен институции го штитат само македонскиот етнички интерес. И уште и интересот на малобројните Албанците кои ја поседуваат етничка „лиценца” издадена од албанската партија на власт – од ДУИ. А чија „лиценца” не сакав да ја поседувам оти уште од времињата на комунизмот знаев колку е недолично да бидеш сопственост на партијата.

Но и кога го променив ставот кон мојата држава и кон овдешните елити, се трудев да не го сменам тој кон моите сограѓани Македонци, да не заборавам кој бев и да не го фрлам туку да го чувам во себе семето на политичкиот концепт за кој некогаш се залагав во младоста, а кој може да создаде една Македонија што ќе зрачи со својата мултиетничката убавина.

Во меѓувреме, се чини дека и мојот најдобар пријател на „сите времиња”, не е веќе тој што беше. Тоа ми го потврдуваат и познајниците што ме прашуваат дали сум ги прочитал неговите текстови што ја опишуваат големата несреќа што ја снашла Македонија – Албанците во неа?!

Се разбира: никогаш не зедов да ги прочитам тие негови текстови, оти сакам засекогаш да го паметам по прекрасните песни што ги напишал. И никогаш не им поверува на тие што велеа дека и тој не замразил нас Албанците. Но не заради него, туку заради опстојбата на мојата човечка вертикала: за да ја сочувам чистината на тоа што бев некогаш, за да докажам дека нашето некогашно дружење не го сметам за грешка и дека се гордеам со тој што бев тогаш и знам кој сум денес.

Да, многумина ме поттикнуваа да реагирам, да кажам било што за него. Тоа ми наликуваше какао да барат да плукам на софрата од која сум јадел, или како да сакаат да ме видат како ја плукам раката што се испружи да ми помогне тогаш кога сите ми одмагаа, раката која некогаш одамна се грижела за моите деца како да се негови.

Но признавам, често пати се наоѓам себеси како трагам по одговорот на прашањето: што е тоа што ги прави луѓето да заборават кои биле и, да остават впечаток дека не знаат кои се денес? Што се однесува до себеси, кажав кои се причините што ме поттикнаа да отстапам од многу нешта на кои верував во младоста. Но при тоа, се надевам дека зачував нешто ми овозможува да не се срамам од тој што бев некогаш и тој што сум денес.

Како и да е, знам дека и на Тој, на мојот некогашен најблизок пријател, му се случило нешто што го натерало да заборави на се што имаме ветено и кажано еден на друг, да изуми колку многу му значевме еден на друг. Којзнае, можеби Тој има право да заборави на сето тоа што некогаш беше и бевме, но јас никогаш нема да ги изневерам спомените од нашето дружење, како на пример, тој од дента кога крај морскиот брег, кога наеднаш ги изгубив од видик мојот и неговиот син, кога како избезумен ги барав во преполната плажа со капачи, за потоа, да ги видам како се враќаат насмеани и со по еден сладолед в рака.

И знам, вие сакате да го дознаете неговото име. Но залудно: тој не е овој сегашниот за кого ми велат дека „плука” по Албанците како да е член на Македонската Академија, на академијата која се повеќе и повеќе наликува на септичка јама, во која се слеваат антиалбанските фекалии на академиците од типот на разните „катици и абдалици”, академија во која никогаш немаше место за вистинските вредности што ги има ова Македонија, а меѓу кои секако дека спаѓа и мојот некогашен најдраг пријател како и мојот „побратиме” што го скова „Штитот од Злато”.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

Во „име“ на народот

Следна статија

Бугарите-Татари и српските генетски признанија

Најново од Колумни