Кинеската Great Wall Motor ќе го произведува компактниот автомобил SUV Ora 5 во Бугарија
Кинескиот производител на автомобили Great Wall Motor (GWM) најави дека во првиот квартал од 2027 година ќе започне со производство на компактниот СУВ-модел Ora 5 во Бугарија, врз основа на договор со локален партнер. Фабриката ќе има планиран капацитет од 50.000 возила годишно, објави Ројтерс, пренесува 3eNews.
Компанијата не ги откри финансиските детали од договорот, ниту прецизираше кои верзии на моделот ќе се произведуваат во Бугарија. Ora 5 на европскиот пазар се нуди со електричен, хибриден и бензински погон.
„Не сакаме само да продаваме автомобили во Европа – сакаме да станеме дел од Европа“, изјави Никол Ву, главна технолошка директорка во GWM.
Производството во Бугарија е дел од плановите на компанијата за враќање на европскиот пазар. Во следните две години GWM планира да понуди најмалку десет нови модели и нивни изведби, при што понудата нема да биде ограничена само на електрични автомобили.
Компанијата има цел до 2029 година да произведува 300.000 возила во Европа, изјавил висок раководител за Ројтерс минатата година.
„Долгорочно, групацијата планира изградба на интегрирани индустриски паркови во Европа за автомобили и компоненти“, се наведува во соопштението на компанијата.
Кинеските производители вложуваат во производствени капацитети во Европа за да ја зголемат продажбата и да го намалат ризикот од трговски бариери. Европската Унија воведе дополнителни царини за електричните возила произведени во Кина, а со Пекинг разговараше и за ограничување на увозот на хибридни автомобили.
За електричните возила на GWM увезени од Кина се применува антисубвенциска царина од 20,7 отсто, покрај стандардната увозна царина на ЕУ од 10 отсто за автомобили.
GWM беше меѓу првите кинески автомобилски производители што влегоа на европскиот пазар, но се соочи со тешкотии во зацврстувањето на својата позиција. Во 2025 година продажбата на компанијата во Европа се намалила за речиси 30 отсто, на околу 3.500 возила, додека конкурентите BYD, Chery и Leapmotor бележат брз раст во регионот.
Компанијата цели кон пазарен удел во Европа од три до пет отсто до 2030 година. Од 2021 година има истражувачко-развоен центар во Минхен, кој работи на проучување на локалната побарувачка, усогласување со регулаторните барања и проверка на производите.
Great Wall Motor и претходно имаше производствено партнерство во Бугарија. Во мај 2009 година компанијата најави инвестиција во фабриката на „Литекс моторс“ во Ловеч и потпиша договор за соработка.
Првиот автомобил од пробната серија, Great Wall Voleex C10, беше произведен во 2011 година. Фабриката престана со работа во јануари 2016 година, а во март 2017 година „Литекс моторс“ поднесе барање за отворање стечајна постапка.
