Кирблаговата кула – сведоштво за историјата и духот на градот Банско
Додека низ целата Разложка котлина домовите некогаш биле градени од керпич – мешавина од кал и слама, во Банско уште тогаш се градело со замав: од масивен, рачно длабен камен, со ѕидови дебели над еден метар и врати од ковано железо. Така е подигната и Кирблаговата кула, дел од преродбеничка градба во срцето на градот, на само неколку чекори од црквата „Света Троица“, пишува Пиринско.
Кулата е изградена во почетокот на XIX век за Кир Благо Тодев – познат општественик и револуционер од Банско, роден во 1820 година. Таа претставува масивно укрепено јадро кон постара куќа, која изгорела за време на големиот пожар во западниот дел на Банско во 1936 година.
Станува збор за двокатна градба со по една просторија на секој кат, станбен горен кат, тајно скалило до во подрумот и бојници во ѕидовите. Влезот е заштитен со тешка железна врата што се заклучувала со дебела дрвена греда. Во внатрешноста се наоѓаат скриени ниши, а подот е од масивни дрвени греди и талпи.
Кир Благо Тодев останува во народната меморија не само по своето богатство, туку и по своите дела. Легендите велат дека бил побратим со дедо Иљо Малешевски, а историјата сведочи дека средината на XIX век, кога бандата на Инџе Хусеин ага пустошела во регионот, Тодев кренал чета и ја поразил кај местото Мозговица во Пирин.
По битките бил уапсен и измачуван, а потоа ослободен за откуп, но наскоро починал во 1862 година. Погребан е во дворот на црквата „Света Троица“ во Банско.
Денес неговото име го носи една од улиците во градот, а неговите подвизи се опеани во народни песни.
Благодарност до д-р Благо Терзиев за можноста да се сочува дел од ова живо историско наследство, пишуваат од Пиринско.