|

Кирил Пецаков го започнува вториот мандат како градоначалник на Охрид: Следуваат нови капитални инвестиции

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, официјално го започна својот втор мандат на чело на општината. Тој најави дека градот ќе влезе во нов развоен и инвестициски период, со проекти кои, како што рече, ќе го променат ликот на Охрид и ќе обезбедат подобри услови за жителите и туристите.

„За мене е голема обврска и чест да продолжиме заедно по патот на успехот и да работиме за подобра иднина за нашите поколенија. Реализиравме многу проекти кои се значајни за Охрид и стратешки го менуваат градот, а така продолжуваме и во вториот мандат“, изјави Пецаков.

Тој посочи дека општината ќе реализира 10 нови капитални проекти, а дополнително ќе се довршат уште четири кои биле ветени и започнати во претходниот мандат.

„Следува сериозен инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно. Многу од работите за кои охриѓани зборувале и ги барале изминативе три децении конечно ќе се реализираат. Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и за сите туристи кои го посетуваат“, додаде Пецаков.

Со новиот мандат, Пецаков најави континуитет во развојните политики, подобрување на инфраструктурата, унапредување на туристичката понуда и заштита на природното и културното наследство на Охрид.

Слични Објави