Ќе има ли втор Нирнберг ?!
Пишува: Владимир Перев
Последнава година е година на расчистување на сите нејаснотии и дилеми во македонско бугарските односи. Некои стари скептици со долга животна километража и политичко-разузнавачки опит, велат дека “ова е најдоброто време од 1918 година до сега, дека сега сѐ е јасно“ и е ставено на менито, на вечеринка каде што се служат деликатесите како национализам, шовинизам, нарушени човекови права, Судот во Стразбур и слични придобивки на нашето совремие. Главните работи се јасни: македонците тврдат дека бугарите се татари, шовинисти, убијци и фашисти под чие што ропство отсекогаш живеел македонскиот народ, поточно, сѐ до појавата на омилениот нѝ Тито; за возврат, бугарите тврдат дека македонците се најголемите фалсификатори во светот на историјата, убијци на бугарскиот етнос по 1944 година, дека ја присвојуваат историјата на сите свои соседи и други народи, а најмногу на бугарскиот и дека немаат основна претстава за демократија и човекови права.
Ако овие тврдења некогаш беа привилегија на политичарите, да речеме Колишевски или Живков, кои тие нешта ги кажуваа на “националните“ собири на Крушево или Благоевград, ако тоа некогаш беше должност на некои историчари и лингвисти да ги соопштат во некоја статија во единствените, и овде и зад Осогово владини весници, денес таа плукачка атмосфера стана привилегија на целото општество. Социјалните мрежи вријат од “специјалисти“ по сите прашања, а нивнта специјаност најчесто се гледа во вулгарноста, злобата и реата на изметот кој ја залива нашата животна средина.
Каде е тука вистината?
Да, има вистина. По 9-ти септември 1944 година, новата комунистичка влас ја слави својата победа со ликвидирање на сите македонци кои себе си се препознаваат како етнички бугари. Злосторствата и убиствата без суд и пресуда во Велес, Куманово, Прилеп, Ресен и ред други градови само ја потврдуваат вистината. Погромите и жртвите се добро познати, а бројката до некаде околу 1952 година, надминува неколку илјади луѓе. Убиени се најборбените и најпројавенита, како и оние кои немале баш никаква родбинска или пријателска конекција со партизаните. Потоа, низ затворите во Југославија, а најмногу низ Идризово и каменоломот Добој, поминуваат десетици илјади души обвинети за “контрареволуционерна дејност и соработка со фашистичкиот окупатор“. Тоа се претежно интелектуалци и тоа значи за нив, или смрт во затворот, или приклонета глава до крајот на животот. Така, насилствено се ликвидира цветот на бугарската интелигенција во Македонија. Некои од бројните судски процеси и безбројните судени се претставени во книгата на Стојан Ристовски “Судени за Македонија“, а преживеаните херои на книгата и нивните потомци тврдат дека сите биле судени како борци за слободата на Македонија. Дали било така? Тогаш Македонија беше слободна, се неа владеше Лазо Колишевски, кој остана во спомените како најголемиот македонец на сите времиња и ослободител на Македонија, заедно се Темпо, “најмилиот брат“…барем така се вели во песните! “Судените за Македонија“ сигурно биле судени за некаква поинаква Македонија, а не за оваа во која живеевме и сѐуште живееме!
Ние сеуште немаме точна евиденција и бројка за жртвите во антифашистичките/антибугарски чистки во Македонија, ама бугарите имаат за своите. Од 20 декември 1944 година, до втори април 1945 година има организирано 135 масовни судски процеси низ целата земја. Уапсени се околу 28 илјади души. Судени се 11.122 души, издадени се 9155 пресуди од кои 2618 смртни, 1305 доживотен затвор, а другите од 1 до 20 години. Интерсно е дека Димитар Пешев, спасителот на бугарските евреи е осуден на 15 години затвор под обвинение дека имал фашистичка дејност и дека е антисемит (!!!). Теророт е ужасен. На 1-ви февруари 1945 година осудени се на смрт, без право на жалба, тројца царски регенти, 22 министри, 8 царски советници, 67 депутати и 47 генерали и полковници. Истиот ден сите се стрелани.
Светот е ужаснат од насилието во Бугарија. Во тоа време низ Европа и во Јапонија се водат процеси за вкупно околу два милиони луѓе, но повеќето од нив поминуваат со помали затворски казни. Во Германија, во познатиот и секаде споменуван Нирнбершки процес, судени се 24 души и изречени се 12 смртни пресуди. Во Унгарија има 476 смртни пресуди, но се исполнети 189. Бугарија има шампионско место (проф. Евелина Келбечева)- 2618 смртни пресуди, извршени 1046, они другите биле веќе ликвидирани без суд и пресуда.
Ситуацијата со Јапонија е нејасна. Има само девет смртни пресуди за воени злосторства и тие се извршени. Но, да не се залажуваме. Потомците на големите самурајски семејства кои учествуваат во војната, не сакаат да ја прифатат капитулацијата. Вечерта, по објавата на Царот, неколку десетици воини, (изворите велат стотина), облечени во традиционалните самурајски носии, влегуваат во царската градина и со очите вперени кон прозорците на царот, единствени осветлени во палатата, го вршат традиционалното сепуку, харикири. Тоа е нивниот последен израз на верност кон владетелот кој за нив бил и останал божество. Утрото, нивните семејства ги подигнале мртвите тела да ги закопаат во семејните гробници, а американските офицери-разузнавачи, ужаснати од страшната за нив глетка, напишале дека слугите донесле неколку тони песок за да ги прекријат остатоците од крвта на офицерите-самураи во градината.
Така било тогаш. Јапонците се пресметале самите со себе за неуспехот во војната, а бугарите и македонците не мислеле за резултатите од добиената војна. Бугарите се пресметале со противниците по идеолошка линија комунисти-капиталисти или фашисти, а македонците по етничката линија, (југо)македонци-(бугаро)македонци, следствено фашисти! Сето тоа, и во Бугарија и кај нас овде е проследено со невиден грабеж, насилие, одземање на имоти, пари, накит, уметнички слики и други средства за живот. Лениновата мисла за “експропријација на експропријаторите“, спроведена е доследно и со невидена грубост.
Социјализмот падна само навидум. Оние кои грабаа и уживаа во власта и во ограбеното, останаа на своите позиции негибнати. Новата, “црвена буржоазија“, створена врз крвта и гнетот над интелектуалната и финансовата елита од пред 1944 година, преформатирана низ разноразни НВО и соросоидните магли за “глобализација“, ги шири своите трули идеи и замисли, во некаква нова опаковка. Во Македонија, ним им треба нова идеја, а тоа е безкомпромисниот македонизам, и нова жртва, а тоа е Бугарија. Митот за ‘бугарскиот фашизам“, толку далеку од реалноста, служи како последниот бастион за одбрана на сопствените злосторства. И тука не се сами, одредени кругови во Бугарија сѐсрдно им помагаат, бранејќи ги своите позиции таму.
Никој не слуша за укажувањата дека сам по себе, фашизмот не е нешто казниво. Тоа е само еден од облиците на управување. Никој не сака да каже дека ПАСЕ донесе резолуција со која за злосторнички се прогласуваат само режимите на нацизам и комунизам, значи, Германија и целиот Источен лагер на чело со СССР. Резолуцијата беше донесена едногласно, со еден воздржан глас-Македонија, тогаш ФИРОМ. Но денес, никој нормален овде нема да говори против Германија, Италија, Јапонија или Шпанија. Тоа можеше за времето на Тито, сега тоа е минато. А и Тито не проговори ништо против режимот во СССР, неговата борба беше борба за опстојување и за лидерство со Сталин, а не за некаков по хуман систем на владеење.
Бугарските клубови Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов се стапица за македонската национална политика, заснована на некаков македонски антифашизам. Самобитноста на македонската нација не се докажува низ сликата на идеолошките определби. И ние овде не сме сите комунисти, македонци служеле во бугарската армија до крајот на војната. Биле мобилизирани навистина, ама не ја промениле страната, не преминале кај нашите партизани. Па и во Бугарија не биле сите фашисти, барем тие имале и сѐуште имаат комунисти за распродажба. Затоа и не е важно дали клубовите ќе бидат затворени или не, важно е дека во секој случај, Македонија ја губи борбата. На Европа во која сакаме да влеземе, ние не можеме да им се претставиме како напредни, а за нејзините членки, барем за повеќето од нив да тврдиме дека се реакционерни. Таа работа не може да помине.
Немањето волја на европските држави, како и дејствието на НВО и соросоидните системи, ја затупи острицата за пресметка со злосторствата на комунизмот. Тој остана неказнет, како политички, така и морално. Процесите на лустрација се само бледо ехо на нешто кое требаше да се случи. На Источна Европа и на Југославија им требаше нов Нирнбершки процес, со јасни физички и морални осуди за злосторставта на системот и за злосторниците-извршители, па макар и post mortem! Пред сѐ за политичките гаулајтери и шефови на партиите, како и за носителите на високите безбедносни и воени функции во тие земји. Тогаш никој не можеше да каже дека убијците кои се симнаа од планините по 1944 година беа во право и нивната идеологија исправна. Идеологијата им пропадна, а бога ми пропаднаа и некои од државите, ама остана лудиот сентимент по насилието и бесправието, толку присутен кај нашите секогаш поробени народи. Сепак, насилниците можат да бидат мирни. Денешните вредности на кои са заснова западната цивилизација, се преземени од идеологијата на марксизмот, за еднаквост и слобода. Тука се и парите на “црвената буржоазија“ прелеани во западните банки, заедно со комунистичките кадри, сега претставени како стопанственици и политичари со западна идеја и идеологија. По заминувањето на Реган и Маргарет Тачер, западот стана неолибералистички и слободен во потрагата по човечки права и ресурси. Затоа сега ги имаме зелените, ја имаме Украина, енергетската криза и путинизмот како психичка состојба за лечење! Ете, затоа, слаба е веројатноста за некаков нов Нирнберг! Приказната заврши со стрелањето на Чаушеску и оној смешен и вонвременски процес против Тодор Живков!
И покрај сето ова, Македонија не може да излезе од вителот кој го створи самата, во потрага по својата преценета и замислена национална самобитност. Европа чека решение од нас, а ние трагаме по фашистите во нашите и туѓите ровови. Државата се распаѓа. Веќе не е ни важно дали некој се интересира за тоа дали бугарите ќе влезат во Уставот, нити се важни насилијата врз Пендиков и некои други, ниту пукањето во темните часови. Дојдено е времето за пресметка и работите ќе се решат, на полесниот, или потешкиот начин! Интригантно звучат зборовите на оној стар циник, кој седејќи низ скопските кафеани со чашката пред себе, вели дека “ситуацијата со македонските бугари никогаш не била подобра, дека сега сѐ е јасно и се чека само македонската позиција“.
Дали е така?!

