Ќе се рушат сите дивоградби во Кочани, приоритет имаат угостителските објекти
Дивоградбите во Кочани и натаму претставуваат сериозен проблем. Пред половина година беа донесени над 400 решенија за нивно уривање, но Општината од 2015 година нема склучено договор со фирма која би ја извршила оваа работа.
По трагедијата во дискотеката „Пулс“, фокусот сега е ставен на дивоградбите кај угостителските објекти во центарот на градот. В.д. градоначалникот Венко Крстевски најави дека нема да има исклучоци и дека ќе бидат урнати сите бесправни градби на територијата на општината.
„Јас се сомневам дека бројот на дивоградби е најмалку трипати повеќе од бројот на констатирани дивоградби од страна на инспекторите. Нема калкулации ќе ги рушиме сите објекти. Меѓутоа приоритет треба да имаат проектите каде се собира поголема група на луѓе, како што се овие објекти, бидејќи овде не се загрозени само станарите, во овој станбен блок има 96 станови, овде се загрозени сите,“ изјави Крстевски.
Во Општина Кочани има само два градежни инспектори, а работата со уривањето на дивоградбите тапка во место. Крстевски најави дека ќе се преземат сите неопходни мерки и активности и дека ќе има одговорност.
Вчера требаше да биде урната дивоградба на угостителски објект во трговскиот центар, но постапката беше одложена, бидејќи градежниот инспектор не се појавил со образложение дека му се влошила здравствената состојба.
