|

Клековски: Пациентите да пријават сомнежи за непотребни операции, документите се во болниците

Сите пациенти што се сомневаат дека биле подложени на непотребни срцеви операции поради финансиски интереси треба да пријават, апелира директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

„До средата немаше ниедна пријава или претставка за евентуална непотребна операција. Ги повикуваме сите пациенти што се сомневаат, без разлика дали имаат документи или не, да поднесат претставки. Документите за операциите се чуваат во архивите на болниците,“ изјави Клековски.

Скандалот го обелодени кардиологот Сашко Кедев, кој обвини дека во приватни болници во Скопје се вршеле кардиохируршки интервенции кај пациенти без медицинска потреба, исклучиво поради профит. Сомневањата ги насочи кон клиниките „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“, кои ги отфрлија тврдењата и порачаа дека работат според медицински протоколи, со целосна документација и оправданост за секоја интервенција. Двете институции истакнаа дека се отворени за соработка со надзорните тела и поддржуваат транспарентност и контрола.

Министерството за здравство, по објавените информации, формираше две комисии за истрага. Првата е интерна – составена од лекари, претставници од Фондот, правници и економисти, со задача да ги анализираат сите кардиолошки и кардиохируршки операции извршени од јануари 2023 до август 2025 година. Втората е меѓународна комисија од тројца лекари, кои ќе извршат надзор и во јавните и во приватните здравствени установи.



Слични Објави