Книгата „Гласовите на модата“ достапна во библиотеката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје
Книгата „THE VOICES OF FASHION – Гласовите на модата“, посветена на современиот бугарски моден дизајн, е достапна за разгледување во библиотеката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, соопшти Центарот.
Изданието е наменето за читателите што се интересираат за бугарската мода, модната култура и нејзините современи творци. Антологијата ги обединува творечките визии и приказните на 30 дизајнери, со фокус врз одржливоста, бавната мода и културниот идентитет.
Книгата е под уредништво на Нели Митева и концептуалната дизајнерска платформа „ИВАН АСЕН 22“. Таа беше претставена во Музејот на современата уметност во Скопје, во рамките на Модниот викенд Скопје.
„Презентацијата го стави бугарскиот моден дизајн во фокусот на вниманието – преку гласовите, идеите и искуството на неговите творци“, наведуваат од Центарот.
На настанот, д-р Надежда Џакова, куратор од областа на визуелните уметности, ги покани присутните поблиску да ги разгледаат допирните точки меѓу модата, современата уметност и културните практики.
