Кога образованието ќе стане инспирација, а не обврска проект „Супер учење за супер деца“
Во општество во кое со години зборуваме за потребата од реформи во образованието, ретко застануваме да се запрашаме што навистина им е потребно на децата, наставниците и родителите. Дали проблемот е само во наставните програми, во учебниците или во системот? Или, можеби, најголемиот предизвик е начинот на кој го разбираме самиот процес на учење?
Навикнати сме образованието да го гледаме како обврска – како низа правила, тестови и оценки. Но, современите образовни методологии сè повеќе покажуваат дека знаењето најдобро се стекнува кога постои емоција, доверба и чувство на сигурност. Кога ученикот не учи од страв, туку од љубопитност.
Токму затоа последниве години вниманието сè повеќе се насочува кон методи кои ја поттикнуваат креативноста и природната способност за учење. Еден од тие пристапи е сугестопедијата – методологија која преку позитивна атмосфера, музика, комуникација и интерактивност го претвора учењето во пријатно искуство.
Во Северна Македонија, ваквите современи пристапи долго време беа речиси непознати за пошироката јавност. Но денес, благодарение на посветената работа на Здружението EDU Centar оваа методологија сè повеќе го наоѓа своето место меѓу образовните професионалци и пошироката јавност.
Особено значајно е што веќе е успешно реализирана првата етапа од проектот “Супер учење за супер деца“, поддржан по Програма Бугарска помош за развој на Министерството на надворешни работи на Република Бугарија, преку Амбасадата во Скопје, во рамки на која се обучени повеќе од 60 наставници, како и околу 40 учесници од сферата на неформалното образование. Овие бројки не се само статистика, туку показател дека постои реална потреба од нов пристап во образованието и дека интересот за современи методологии постојано расте.
Она што дополнително охрабрува е фактот што интерес не пројавуваат само наставниците. Сè повеќе родители, логопеди, едукатори и професионалци кои работат со деца сакаат да се запознаат со методите кои овозможуваат полесно, поопуштено и поефикасно учење.
Тоа покажува дека промените во образованието повеќе не се гледаат како институционална тема резервирана само за училиштата, туку како заедничка општествена потреба. Денес, родителите бараат пристапи што ќе ја поттикнат самодовербата кај децата, наставниците бараат нови алатки за мотивација, а стручните лица сè повеќе ја препознаваат важноста на емоционалната и психолошката атмосфера во процесот на учење.
Во време кога младите сè потешко ја задржуваат концентрацијата, а образовниот систем често делува преоптоварен и нефлексибилен, потребни ни се токму вакви примери – примери кои покажуваат дека учењето не мора да биде товар.
Образованието не е само пренесување информации. Тоа е создавање љубопитност, мотивација и простор во кој секое дете ќе се чувствува охрабрено да учи и да се развива. А секоја иницијатива што ја враќа хуманоста и инспирацијата во училницата заслужува внимание и поддршка.
Секоја успешна приказна во образованието започнува со една идеја – дека учењето може и треба да биде инспирација.
