Концерт за виолончело и пијано вечерва на Охридско лето, рускиот виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева

//

Целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе имаат рускиот виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.

Кирил Родин е роден во Москва. Учи во музичката школа „Гнесин“ по што следуваат студиите на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја. Во 1984 и 1986 година е добитник на први награди и златни медалји на натпреварите на Музичката младина во Белград и на VIII интернационален натпревар „П. И. Чајковски“. Својата кариера како солист ја гради со настапи со врвни светски оркестри и диригенти: Гергиев, Федосеев, Дутоа, Горенштајн, Овчиноков и многу други, а настапува во повеќе од 40 земји во светот. Како камерен музичар е член на триото „Брамс“ и на ансамблот „Пјацола студио“. Неговите многубројни снимени материјали вклучуваат дела од: Бах, Бетовен, Хајдн, Григ, Паганини, како и од руските композитори: Рахманинов, Аренски, Римски-Корсаков, Шостакович и многу други. Кирил Родин е член на жири-комисии на интернационални натпревари во Русија и светот, а денес напоредно со солистичката кариера е и професор на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и редовен гостин професор на Конзерваториумот во Пекинг, Р. Кина.

Пијанистката Жени Захариева е присутна на светските концертни сцени повеќе од 60 години. Кариерата ја води во многубројни концертни сали во Европа, САД, Азија и во Африка, а за нејзините уметнички достигнувања и придонес кон културата носител е на голем број исклучителни признанија, како „Кристална лира“ за врвни уметнички достигнувања, Државната награда на Р. Бугарија доделена за заслуги кон нацијата и државата, наградата „Златен век“ за придонес во бугарската музика и култура, највисокиот француски орден доделен за достигнувања во културата и уметноста, како и признанија од Јапонија и други земји. Настапува со голем број светски оркестри и диригенти, меѓу кои: оркестрите во Хаг, Амстердам, Лиеж, Москва, Сингапур, Софија и многу други под диригентската палка на: Вероника Дударова, Томас Зандерлинг, Инго Мецмахер и многу други бугарски и странски уметници.



Извор: Темите

Претходна статија

Ќучук: Следната година ќе организираме натпревар по историја со ученици од Бугарија и Северна Македонија

Следна статија

Деветгодишниот Никола е херој на денот, донираше матични клетки за неговата сестра која боледува од акутна леукемија

Најново од Истакнато