|

Констанца Љапчева- невидливата добротворка

Меѓународниот ден на детето во Бугарија има датум – први јуни, но освен тоа, има и година кога бил прославен за прв пат – 1927, и име на жената што тоа го овозможила – Констанца Љапчева. Празникот се слави и сега, масовно и гласно, но името на Констанца Љапчева е непознато и веќе скоро никој не се сеќава како таа, која немала свои деца, успеала со ум, упорност и шарм да ја промени судбината на бугарските деца.

Констанца Љапчева, родена во 1887 година во семејството на д-р Петрович, се школувала во Швајцарија и била сопруга на Андреј Љапчев. Двајцата стапиле во брак кога тој бил во петтата деценија од животот, двојно постар од Констанца. Семејството Љапчеви немале деца, нивната врска била изградена на меѓусебно почитување. Констанца била од подобро потекло и имала подобро образование од сопругот, а била и побогата од него. Двајцата се поддржувале, но имале сосема различни занимања, при што Љапчев никогаш не ја попречувал неговата сопруга да патува, да работи и да се занимава со општествена работа.

Констанца Љапчева била шармантна и интелигентна жена, со контакти низ целиот свет – вистински политичар на фронтот на добротворноста. Од 1927 година до нејзината смрт во 1942 година, таа била во раководството на Сојузот за заштита на децата на Бугарија. Учествувала и на состаноците на Друштвото на народите, како и на балканските форуми за заштита на децата. Нејзините идеи за детското воспитание и развој биле напредни за своето време и звучеле сосема современо. Таа прва го поставува прашањето за правото на државата да ги казнува родителите кои злоупотребуваат со здравјето на своите деца. Во време кога децата биле работна сила, таа организирала изградба на посебен дом и одморалиште за младите работници.

Благодарение на неуморните напори на г-ѓа Љапчева, позната по неверојатните дипломатски вештини, мајчинството добило законска заштита, а одгледувањето на децата станало дел од државните и правните грижи. Таа неуморно собирала средства во земјата и во Европа за сиропиталишта, домови, дневни центри, детски градинки и одморалишта. До 1944 година, Сојузот на кој Констанца Љапчева го посветила животот имал 150.000 членови и над 3.000 организации низ целата земја. Ова било во голема мера нејзина лична заслуга. Дури и народната власт не можела да го одземе ова – домот за деца без родителска грижа во Горна Бања сè уште го носи нејзиното име.

Нејзините заслуги за Бугарија биле толку големи што била одликувана од цар Борис III со Орден за човеколjубие – прв степен, како единствена Бугарка која ја добила оваа чест по Екатерина Каравелова.

Списокот на заслуги на Констанца Љапчева е долг: од нејзината работа како милосрдна сестра уште како млада, преку напорите да им обезбеди нормално детство на децата на бежанците по војните, па сè до стремежот да осигура достоен живот за секоја мајка и дете.

Констанца Љапчева била единствен наследник на сопругот, кој починал во 1933 година. Таа го надживеала и го распределила нивниот имот – неговиот имот го оставила на Бугарската академија на науките, а својот – на Сојузот за заштита на децата, кој, се разбира, бил национализиран и укинат по 1944 година.

Денес, на спомен-плочата пред нивниот дом, името на Констанца Љапчева не е споменато, и оваа голема добротворка на бугарските деца останува невидлива дури и таму каде што нејзиниот живот поминал во мисла и грижа за бугарските дечиња. Една невидлива жена живее на улица „Кракра“, а таа заслужува нејзината приказна да биде раскажана.

Елица Павлович

Слични Објави