|

Контроли поради присуство на забранет пестицид во македонска црвена пиперка извезена во Хрватска

Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) спроведува контроли и надзори кај извозникот, откупувачите и индивидуалните земјоделски производители, по добиените нотификации од системот RASFF и официјалното известување од Хрватска за утврдено присуство на пестицидот метомил во свежа црвена пиперка извезена од Македонија.

Станува збор за пратка од приближно 15.000 килограми пиперка. Извозникот не е производител, туку го купил пиперот од други правни субјекти што вршат откуп од индивидуални земјоделци.

Според ДИЗ, извозникот извршил повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во пиперката од почетокот на бербата на годинашната реколта, како во акредитирани лаборатории во земјата, така и во странство. „Досега не се добиени резултати што укажуваат на зголемено количество на резидуи или присуство на недозволени фитофармацевтски средства“, наведуваат од Инспекторатот.

Според официјалното известување од Хрватска, во земениот примерок е утврдено присуство на активната материја метомил во количина од 0,049 mg/kg (ppm). Пратката била извезена на 9 септември 2025 година, а при влез на хрватската граница не била запрена. Примерокот бил земен на 23 септември 2025 година од малопродажната мрежа, додека информацијата преку системот RASFF пристигнала на 3 октомври 2025 година.

„Пратката со пиперки не е вратена во Македонија, но засега немаме информација од хрватските инспекциски служби дали производот е повлечен од продажба или уништен,“ соопштуваат од ДИЗ.

Од Инспекторатот потсетуваат дека, согласно Законот за фитофармација, државните фитосанитарни инспектори вршат редовни и вонредни контроли на увозот, дистрибуцијата и употребата на фитофармацевтски средства – при увоз, на гранични премини, во складишта, земјоделски аптеки, како и кај самите производители.

Фитофармацевтски производи што содржат метомил се забранети за увоз, продажба и употреба. Доколку вакви средства се пронајдат кај некој субјект, се преземаат соодветни санкции. Инспекторите, исто така, проверуваат кои препарати ги користат земјоделците и дали водат законски пропишана евиденција за нивната примена.

Контролите се спроведуваат во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, а по нивното завршување, ДИЗ најавува дека ќе има повеќе информации за случајот.



Слични Објави