Костадиновска-Стојчевска: 90 милиони денари поддршка за инфраструктурата на културата во општините
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на панел-дискусијата „Инвестициите во инфраструктурата и во културата – траен влог за идните генерации“, рече дека со средствата за капитални дотации во културата за единиците на локалните самоуправи кои во последниве две години изнесуваат 90 милиони денари се потврдува посветеноста на Владата и на Министерството за култура за рамномерен културен развој на локалните самоуправи.
„Капиталните дотации за општините се ставка која се актуелизираше минатата година и која досега не изнесувала повеќе од еден милион денари. Она што е значајно е фактот што минатата година за капитални дотации беа издвоени 40 милиони денари. Инвестиравме во општините Кратово, Валандово, Кривогаштани, во Делчево, општини во кои како што кажаа и самите градоначалници никогаш досега немало капитални дотации. Оваа 2024 година таа ставка изнесува 50 милиони денари и целта е секоја наредна година таа сума да изнесува што е можно повеќе“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека културата не треба да биде централизирана само во Скопје туку таа треба да биде достапна во секој општина. Токму затоа напомена дека градоначалниците кои минатата година подготвија проекти, истите беа добро прифатени и беа завршени во календарската година. Па така, сега имаме прекрасен простор во Делчево, општините Кратово и Крушево набавија урбана опрема за која изминатите години трошеле многу пари, а општина Валандово го реновираше кино-просторот. Со тоа покажавме дека секоја општина треба да ја ужива културата, а тоа да не биде само во Скопје.
Во однос на инвестициите во културата Костадиновска-Стојчевска го сподели фактот дека во последниве две години се вложени 900 милиони денари за санација и реконструкција на постоечките објекти на националните установи во повеќе градови во државава.
„Продолжуваме со изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, на Турскиот театар, издвоивме 32,8 милиони денариза целосна обнова на старото училиште во Љубојно, започнуваме со реконструкција на Музејот на Македонија, заврши цел процес околу преземање на правото за реконструкција на Универзалната сала, а продолжуваме со инвестиции за реконструкција и во Курбиново“, рече Костадиновска-Стојчевска и потенцираше дека сето ова е влог во иднината, трајни инвестиции, кои го чуваат и афирмираат македонскиот идентитет и култура.
Во позитивните придобивки за културата во последниве години министерката го истакна покачувањето на платите за вработените во секторот за 43 проценти, со тенденција за нивно зголемување.