|

Костадиновска – Стојчевска: Ние сме синоним за квалитетно вино, а нашите винарии се вистински амбасадори

Честитајќи им го Свети Трифун, празникот на лозарите и производителите на вино, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, истакна дека Северна Македонија е синоним за квалитетно вино кое е наша традиција, а нашите винарии, како што наведе министерката, се вистински амбасадори во многу држави низ светот.

„Ние знаеме како да го почитуваме трудот на лозарите кои вредно и посветено создаваат препознатливи вина кои завршуваат на европските и светските пазари, токму затоа сме денеска тука“, дополни Костадиновска-Стојчевска, која во чест на празникот на лозарите присуствуваше на традиционалното закројување на лозјата заедно со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и преставниците на македонските винарии.

При посетата на винаријата Марена, во тиквешкиот регион, беше потенцирана поддршката на државата кон земјоделците и нивниот труд преку кој македонските вина станаа препознатливи на трпезите надвор од границите.

„Со мојата честитка за празникот на лозарите им посакувам полни лозја и зголемено производство на квалитетно вино, за кое сум сигурна дека ќе биде силно конкурентно на европските и светските пазари . Знам дека и во иднина македонското вино ќе биде гордост на нашата традиција“, порача Костадиновска-Стојчевска.

Настанот со закројување на лозјата се одржа во заедничка организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и македонските семејни винарии.



Слични Објави