Ковачев: Северна Македонија прави сѐ за да ги стопира преговорите со ЕУ
Бугарскиот европратеник од ГЕРБ/ЕПП, член на Претседателството на Европскиот парламент и претседател на бугарската делегација во ЕПП во ЕП, д-р Андреј Ковачев, изјави дека Северна Македонија прави сѐ што може за да ги запре преговорите за членство во Европската Унија.
Изјавата доаѓа во момент кога Албанија минатата недела отвори пет од шест преговарачки кластери.
„Напротив, напорите се во обратна насока. Сѐ што е можно да се направи, за тоа да не се случи. Се обидуваат да ја променат преговарачката рамка. Дури и да го користат нивниот Уставен суд, за да го прогласат вториот протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство, кој е дел од преговарачката рамка, за противуставен. На некој начин индиректно се обидуваат да изменат нешто што е прифатено и од нив и од останатите 27 земји членки на Европската Унија, а воедно и да се претстават како жртва,“ коментира Ковачев.
Сличен став изрази и раководителот на затворениот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓоргиевски.
„Владата во Република Северна Македонија не сака да се преговара со Европската Унија. Не сака нашата земја да биде членка на Европската Унија и дел од европското семејство на демократии. Тие повеќе претпочитаат да ја одржуваат врската Белград – Скопје,“ изјави Георгиевски.

