Ковачев со реакција за запрените бугарски новинари на македонската граница: Ќе ги информирам Европската комисија и Европскиот совет за случајот
„Нашите соседи, без разлика дали СДСМ или ДПМНЕ се на власт, продолжуваат со репресивните мерки против бугарските граѓани, без разлика дали тоа се новинари, политичари или претставници на граѓанското општество. Денеска без соодветни аргументи новинарите на БГНЕС беа запрени на границата со РСМ и не им беше дозволен влез на територијата на државата“, напиша Андреј Ковачев на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој нагласи дека овие рестриктивни мерки се строго селективни и се насочени само против бугарските граѓани и новинари.
„Убеден сум дека српските новинари, на пример, никогаш нема да бидат вратени. Ваквото однесување е неприфатливо од страна на една демократска држава. Селективно применети ограничувања за акредитација и дозвола за влез на територијата на земја кандидат за ЕУ не можат да постојат во демократскиот свет“, рече европратеникот од Европската народна партија/ГЕРБ-СДС.
Ковачев вети дека ќе ја информира Европската комисија и Европскиот совет за овој пореден репресивен случај против Бугарија.
