|

Ковачевски и Донев денес во Шупли камен на стартот на изградбата на железницата на Коридор 8

Во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев денеска кај местото Шупли Камен во близина на Кумано во официјално ќе биде означено продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, на која нема градежни активности од јуни 2020 година.

На настанот ќе биде презентиран проектот за претстојните фази од изградбата на делницата, а обраќања ќе имаат премиерите Ковачевски и Донев, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура” Хари Локвенец, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.

Повторната изградба опфаќа работа на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).

Делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ).

Откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20 проценти до 2040 година и да обезбеди пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350 000 луѓе. Ќе се намали времето на патување, како и загадувањето на воздухот и бучавата.

Слични Објави