| |

Крајот на (до)вербата

Никица Корубин

Секоја постапка има последица, секоја акција има реакција, а на крајот на секоја лага стои вистината. Вистина, која може да биде манипулирана, но не и избришана. И ако инструментализацијата на лагата е прифатена како легитимна пропагандна алатка, зошто “употребата” на вистината би била проблем? Вистината за “толеранцијата на лагата”, која очигледно била сервирана како “изговор” кон ЕУ и како “борба” кон нас. Дипломатски грејс-период. Неповратно изгубени години.

Масовно медиумски хранет и поддржан наратив, на тенденциозна манипулација, која логично и при последната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше “спакуван и скриен” во “деталите” за да не се слушне кристално јасното “дипломатско де-легитимирање” на толеранцијата на ЕУ кон “глумењето добри намери” на Северна Македонија. “Пат на глумење добри намери”, кој трае 4 години, а две ефективно се во речиси чиста “извршна моќ” на брзи и формални уставни измени, исполнување на обврската на државата (а, не вољата на партијата или партократијата) кон ЕУ.

Од предизборните “репреговарање на преговарачката рамка”, преку пост-изборните “шест месеци на ВЛЕН”, до “уставните измени со одложено дејство” широко политичко/партиски пропагирани како (не)видливо соучесништво во хранењето на манипулативниот наратив; со таргетираните попатни точки на “тестирање на ЕУ” и изигрување на нејзината доверба при обидот за “формализација” на наводанта “грижа за идентитетот” – кое резултираше со двојното понижување на отворена сцена на европските дипломати (“играта” со македонскиот идентитет во извештајот на европскиот парламент во 2025 година и “масакрирањето од заседа” на еврокомесарката Марта Кос истата година, поради нејзиниот обид за “хуманизација” на “идентитетот кој се брани”. Наводно.

И тој “пат на глумење добри намери” очигледно заврши во Скопје пред неколку дена. На увид и со незнаење на јавноста. Затоа што “јавноста” не сме ние граѓаните, туку “јавноста” се тие што ги селектираат информациите кои мораат да дојдат до нас. А, не доаѓаат. Или во најдобар случај доаѓаат “спакувани, нашминкани и насловени” за да не бидат прочитани пораките, кои формално се однесуваат на државата, а суштински на судбината на нашите лични животи. Па, што всушнсост кажа Фон дер Лајен во Скопје? Историски исправно е да се цитира и контекстуализира, а тоа звучи токму вака:

“Северна Македонија повторно покажа дека може да носи храбри одлуки за својата иднина, Преспанскиот договор беше момент на вистинска политичка храброст со две земји кои што избраа да свртат нова страница и да го пишуваат новот поглавје од историјата заедно. Ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е навистина ценет сојузник, слично и во ЕУ ние ја градиме нашата безбедност заедно. Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша Партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност, вие сте дел од Коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа.

Драг Христијан ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во ЕУ и мојата порака е ова: јасно вие ниʼ припаѓате нам, со многу труд со посветеност, пристапните преговори започнаа во 2022 година, скрининг процесот беше завршен за помалку од една година и сега има само еден клучен чекор кој што треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер Основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе и посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата унија побогата.”

Всушност, Европската Унија, преку Фон дер Лајен, го маркираше Преспанскиот договор како клучен договор (“и момент на вистинска политичка храброст”), за (функционалниот политички опстанок на) земјата воопшто и за односот на земјата кон соседите (“две земји кои што избраа да свртат нова страница и да го пишуваат новото поглавје од историјата заедно”); истиот Преспански договор кој беше и е брутално сатанизиран, масовно прекршуван и игнориран, прекршувајќи го и игнорирајќи го притоа уставот на сопствената држава; од страна на избрани и именувани лица според истиот устав; кои недозволиво со сопственото поведени ги наведуваа(т) граѓаните на прекршување на истиот.

И оваа порака беше веднаш и без одлагање, на самиот почеток на обраќањето “сервирана” од ЕУ кон актуелна политичка власт, реферирајќи се на позитивни постапки на претходна политичка власт (“ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме”); а всушсност е порака за било која власт, за нејзините приоритети и одговорности (“земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата на ЕУ”); реферирајќи се на очигледна вистина која масовно се извртува и манипулира сите овие години; а на “совест” ја носат бројни “аналитичари, професори и политичари” верни на наративот на “јавноста” на директна штета на точното и вистинско информирање на граѓаните (“пристапните преговори започнаа во 2022 година, скрининг процесот беше завршен за помалку од една година и сега има само еден клучен чекор кој што треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер Основи”).

Забелешките за “идентитетот и јазикот”, “македонскиот јазик и македонската култура” таа суштина, пропагандно инструментализиран како обична празна фраза; е само појавниот “завршен збор” во исклучителната политичка и дипломатска толеранција на ЕУ и земјите членки на ЕУ (наши први соседи Грција и Бугарија, со кои го делиме историскиот и географскиот регион Македонија); последните неколку години, на неисполнување, игнорирање и саботирање на Преспанскио договор и Договорот со Бугарија.

Просторот за изговорите за неисполнување на обврските на државата за уставните измени, кој беше толериран цели четири години, заврши во Скопје, дома, кристално јасно кажано (и медиумски скриено) од страна на првиот човек на Европската комисија. Параванот и официјално е тргнат, остануваат “на чистина” намерите. “Вистинските намери” на нашите избрани и именувани функционери, кои теоретски делуваат според нашиот устав (чиј составен дел се и сите меѓународни договори Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Охридскиот договор) и во најдобар интерес на граѓаните. И ги исполнуваат обврските на државата, како што бараат ние да ги исполнуваме обврските кон државата, на дневна основа.

И притоа се грижат за сопствените граѓани, а не спротивно на уставот во член 49, каде државата што се обврзала дека “нема да се меша во суверените права на другите држави и во нивните внатрешни работи”. Наместо да ги исполнуваат сопствените обврски во сопствената држава. И апсолутно мнозинската воља на граѓаните, за членство во ЕУ, на преговорите кои се започнати пред цели 4 години, и само-блокирани од нас самите. Во чие име, бидејќи сигурно не е во името на граѓаните, кои и покрај сите лаги и манипулации, веруваат во личната вистина и логика за нормално и функционално општество на Северна Македонија, како земја членка на ЕУ.

Вистината е секогаш потешка од лагата. А, особено посложена од манипулацијата. Вистината во политиката е крајниот исход кој секогаш доаѓа. Вистината за реалноста во која живееме како држава, како регион и како гео-политика. Не како перцепција и наследена нарација. Туку како чиста сирова вистина, во која привилегијата да имаме своја држава, не ја (зло)употребуваме, туку ја негуваме. Во манирот на европска и цивилизирана држава, која се грижи за најголемата политичка вистина: интересите на сопствените граѓани, во контекстот на реалноста која постои.



Слични Објави