| |

Криско и неговата фондација собраа 1 милион лева за Центар за деца со посебни потреби

Познатиот бугарски пејач Кристиан Талев – Криско и неговата фондација „Сончеви деца 2024“ објавија значаен успех – успешно собраа над 1 милион лева за изградба на првиот Центар за интеграција и развој на деца со посебни потреби. Центарот ќе биде место каде што децата ќе добијат поддршка, образование и можности за социјализација во безбедна и стимулирачка средина.

Веста ја соопшти лично Криско преку својот официјален профил на Фејсбук, истакнувајќи дека оваа мисија не е само проект, туку и визија за иднина во која секое дете добива грижа, разбирање и шанса за достоинствен живот.

Во првите пет месеци од активноста на фондацијата се собрани повеќе од 1.000.000 лева преку индивидуални и корпоративни донации. Организирани се над 100 средби со компании и бизнис-сектори, кои се приклучија на иницијативата преку директна поддршка или хуманитарни кампањи. Остварено е партнерство со медицинскиот центар „Блокс“, каде што се одржуваат бесплатни неделни рехабилитации, скрининзи и развојни активности за децата. Фондацијата организирала зимски камп за деца со Даунов синдром и други посебни потреби. Спроведени се повеќе од 50 хуманитарни настани низ цела Бугарија.

Во моментов се водат напредни преговори за добивање терен на кој ќе биде изграден Центарот. Веќе е подготвен првичен архитектонски план, а се разгледува и соработка со втор инвеститор за да се обезбеди долгорочна одржливост на проектот.

Дополнително, создадена е база на податоци со лица и организации од Бугарија и странство кои изразиле желба да го поддржат проектот во иднина. Се одржани и консултации со родители, експерти и терапевти за Центарот да одговара на вистинските потреби на децата.

Криско објави и уште една важна информација – Бугарија ќе биде домаќин на Светското првенство за атлети со Даунов синдром во 2026 година, а фондацијата „Сончеви деца 2024“ ќе застане цврсто зад организацијата на овој глобален настан.

„Овој проект не би бил можен без поддршката, довербата и хуманоста на сите вас. Заедно не создаваме само центар – туку надеж и иднина“, изјави Криско.

Слични Објави