|

Кривична пријава за шест лица за случајот со демирхисарската гимназија

Адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал во врска со настаните во гимназијата во Демир Хисар. Во пријавата, тој посочува шест службени лица – градоначалникот Никола Најдовски, директорката што тој ја назначил, двајца просветни и двајца полициски инспектори – за организирање незаконски активности со цел разрешување на директорката Маја Лозановска и отворање простор за партиски вработувања.

„Постои основано сомневање дека во периодот мај – август 2025 година, организирано и секој во свој домен, презеле соодветни дејствија за да се овозможат партиски вработувања по распишаниот оглас за 19 технички лица и наставен кадар,“ изјави адвокатот Стеваноски.

Тој детално ја опиша улогата на пријавените. Според него, градоначалникот Најдовски побарал нов инспекциски надзор во училиштето, иако претходно била спроведена контрола без утврдени неправилности. Овојпат, инспекторите констатирале пропусти и истиот ден донеле решение со кое градоначалникот прво назначил нов директор, а потоа ја разрешил Лозановска. Така настанала апсурдна ситуација – училиштето да има двајца директори.

Стеваноски истакна и дека двајца полициски инспектори, без да извршат претрес и покрај судска наредба, лажно пријавиле дека директорката ги уништила печатите. Дополнително, барале таа на носилки да биде однесена на информативен разговор, иако во тој момент била на боледување.

„Овој случај е пример за злоупотреба на службените функции за партиски цели,“ нагласи адвокатот.



Слични Објави