Крвавото Коледе и Сремски фронт
Пишува: Ели Секуловска
Во преквечерието на големиот христијански празник Божик или Коледе, ден кој треба да носи радост, топлина и взаемно почитување, ние повторно ќе бидеме сведоци на едно големо лицемерие од страна на македонските власти. Премолчувањето како и негирањето на злосторствата што се случија од 6 до 9 јануари 1945 година кога на скопското Кале беа убиени околу 1200 војници и 100 офицери, е знак на нечовечност и хипокризија. Под команда на Светозар Вукмановиќ Темпо, генерал Михајло Апостолски и Лазар Колишевски, војниците кои се противеле да одат на Сремски фронт, биле прогласувани за ванчомихајловисти, противници на југословенството, бугараши и фашисти за потоа, сите до еден да бидат ликвидирани.
Но, масовните убиства на македонските Бугари не застанаа таму, туку продолжија и во другите македонски градови. Најголемите злодела се случија во периодот од 1944 година до 1953 година кога многу интелектуалци, свештеници, учители беа ликвидирани без суд, или осудени на драконски затворски казни во монтирани судски процеси, со конфискација на цел имот стекнуван со генерации наназад и носени по најголемите и најозлогласените југословенски казамати.
За сето ова и денес се молчи и најверојатно ќе се молчи и понатаму. И не само што се молчи, туку партикуларно или во целост се негираат овие кравави настани од страна на денешните македонски историчари, политичари или дежурни апологети, чувари на митологизираната им историја. Тој колектив се карактеризира со страсен фанатизам, консеквентен инает. Поголемиот дел од нив се лишени од тој минимум на интелектулана подготвеност, индоленти, декаденти, недоучени, недораснати – мрачни творби на македонските гета , граѓани на македонската зафрлена дупка. Но, таа музика им одговара. Зошто, инаку како би можеле да се одржат на таа стапка каде што се? Лишени од форматот, личниот, духовниот,….. интелектулано не се во корелација со светската историја .Го знаат своето место во Северна Македонија, но не го знаат местото на Северна Македонија во светот.
Историчарите пак, всадени во својата „авангарда“ и со тапа затворени во неа како во шише, се третираат како девојки од колеџ на кои им е дозволено да пишуваат само одредени теми, соодветно зашеќерени и ублажени. Пишуваат за колективот.Пишуваат како што им е наредено. Па,зарем е чудно што таквите оранжериски творби, пишувани и негувани во скутот на колективот, венеат надвор од скутот? Ете, денес сме сведоци на низа нелогичности во презентирањето на нивната историска „вистина“. Тие никогаш нема да имаат критички став кон нештата, туку праволиниски ја следат утврдената им доктрина. Мене не ми е јасно што работат во Институтот за национална историја на Северна Македонија? Тие би требало да истражуваат и да ја кажуваат вистината, па колку и да е болна и да ги објаснат сите нелогичности со кои се соочуваме денес. Но, тоа тие никогаш нема да го направат, а и понатаму ќе молчат или ќе негират. Делуваат како паганска секта која ја задржала мнемониката на жртвување. Ако се вратиме наназад во историјата, во времето на паганскиот човек, ниту еден обред, ниту една церемонија не можела да се замисли без да се жртвува некој. Денес, македонските апологети, историчари, платени новинари и политичари, со (не)кажувањето на вистината, не’ жртвуваат сите нас, но и младите генерации кои допрва доаѓаат. Северна Македонија е оставена во скаменетата status quo ситуација и херметички затворенa, надвор од сите светски случувања.
Но, да ги оставиме македонските историчари.
Еве, ќе се осврнам на еден историски настан.
Сремски Фронт!
Настан кој македонската историја ни го презентира како победоносен триумф, неопходна операција, а истата, според нив, било неминовно да се случи, иако билансот на жртвите се проценува дека изнесува околу 180.000 луѓе, додека пак просечната старосна граница на загинатите е од 18-20 години ! Денес, истиот тој настан е предмет на низа контроверзи и недоречености од страна на многу светски историчари. Барем, во останатите балкански институти за национална историја се разговара на таа тема; се соочуваат погледи, мислења, ставови. Се прават анализи, истражувања како од страна на историчарите, така и од страна на воените експерти.
Заклучокот од анализите на светските експерти е дека Сремскиот фронт не требало да се пробива затоа што руската Црвена армија, на чело со Генералот Сергеј Семеновиќ Бирјузов веќе во февруари и март 1945 година, се пробивале преку Унгарија и се приближувале кон Виена, па силите на Вермахтот морале самите да се повлечат према Загреб. Но, Јосип Броз не сакал да чека.
Имено, после Договорот Тито – Шубашиќ, доаѓа до смена на Генералот Дража Михајовиќ, а Кралската влада ја признава привремената управа воспоставена преку АВНОЈ. Договорот бил склучен на островот Вис, на 16. 06 .1944 година помеѓу Јосип Броз Тито, претседетел на Националниот комитет за ослободување на Југославија и д-р Иван Шубашиќ, претседател на Кралската југословенска влада. Договорот бил склучен со застапување на Велика Британија. Во револуционерниот занес, Тито, заедно со неговото раководство, за да покажат пред сојузниците „кој е кој“ и дека Југославија дала најмногу жртви во Втората Светска војна и дека самата се ослободила, издаваат наредба за масовни мобилизации на млади луѓе кои биле праќани како топовско месо да гинат на Сремски фронт, а со тоа Тито да се покаже како голем херој!
Единиците кои биле испратени на Сремски фронт, биле составени од мал број на доброволци, војници кои имале искуство само за герилски акции, но таму требало да се соочат со фронтална борба, и во најголем дел, насилно мобилизрани млади луѓе од 16-20 години, кои освен тоа што немале ниту еден ден војничко искуство, туку не знаеле ниту да ја држат пушката. Наводно, поминале двонеделна обука во Белград, за потоа, наоружани само со пешадиско оружје да бидат пратени да јуришаат во првите борбени редови и да ги разбиваат добро утврдените германски ровови, бункери и шаржери; да ги раскинуваат неколкуте редови на жица со кои добро обучените германски војски биле заобиколени на подрачјето околу Шид и Сремска Митровица. Германицте од 34 корпус,од своите ровови,ниско, речеси до земја ги фиксирале митралезите тип МГ42 кои имале можност да испалат дури 20 метци во секунда. Комунистите на Тито ја терале младината да јуриша кон тие рафали, па сето тоа резултирало со големи човечки загуби.
Сремски фронт траел точно 172 дена, почнувајќи од 21 октомври 1944 година, па се до 12 април 1945 година кога почнал пробојот, а официјлно е завршен на 13 април, 1945 година.
Од Македонија се регрутирани околу 20.000 луѓе. Тие го сочинувале 15 корпус кој влегува во составот на првата борбена дивизија, а истата ja имала главната задача во пробојот на фронтот. Денес се‘ уште не се знае колку млади момчиња и девојќи од Македонија, насилно регрутирани од страна на титовите послушници, ги оставиле своите животи на сремската рамнина, посебно во реоните околу Шид, Батајница и Сремска Митровица.
Германските војски уште од есента, 1944 година, почнале плански да се повлекуваат од Балканот. Атина ја напуштиле на 1 ноември 1944 година, Скопје на 13 ноември 1944 година, Приштина на 19 ноември 1944 година, Сараево на 6 април 1945 година, Загреб на 8 мај 1945 година.
Како што германците, по строго одреден сопствен план ги напуштале градовите, така во нив влегувале партизаните и прогласувале победа дека тие ги ослободиле градовите.
Силите на Вермахтот биле најслаби на територијата на Балканскиот полуоствов, бидејќи Југославија била најдалечната точка на Рајхот на која се наоѓале германските трупи. Германците го положиле оружјето на 8 мај 1945 година, под ударите на Црвената Армија од едната страна, и западните сојузници, од другата страна. Едниците на Вермахтот кои се наоѓале на територијата на тогашна Југославија, самите го положиле оружјето пред партизаните. Тоа било почетна точка на уште еден мит на социјалистичка Југославија дека партизаните наводно воделе жестоки битки, заробиле над 100.000 германски војници и на тој начин ја ослободиле Југославија. За жал, то мит трае и до денешен ден.