Културата не ги решава проблемите, но може да ги спречи, порача бугарскиот министер за култура Најден Тодоров на форум во Истанбул
Бугарскиот министер за култура Најден Тодоров изјави дека културата не може да ги реши проблемите, но може да ги спречи, обраќајќи се на Меѓународниот форум за стратешка комуникација STRATCOM 2026 во Истанбул, јавува БГНЕС.
Говорејќи во рамки на панелот „Преосмислување на меката моќ во ера на фрагментација: влијание и граници“, Тодоров го истакна значењето на стратешката комуникација и културата, нагласувајќи дека културата стои како противтежа на фрагментацијата и служи за обединување на луѓето.
Тој додаде дека културата гради мостови и посочи дека луѓето се плашат од непознатото, а агресијата често произлегува од страв и лишувања. „Културата, како средство за комуникација, ни помага да ги оставиме конфликтите зад нас“, изјави тој, додавајќи дека дури и во најопасните кризи најсилниот мост меѓу луѓето е културата и тој не смее да биде разрушен.
Тодоров, исто така, го отвори прашањето дали зачестеноста на конфликтите во светот може да биде поврзана со слабеењето на културната комуникација меѓу нациите.
