|

Кумановката што го прегази пешакот кај „Гоце Делчев“: Не се чувствувам виновна

Гордана Филиповиќ, која го управуваше возилото „бмв х5“, со кое го прегази и усмрти дедото Слободан Ангеловски на мостот „Гоце Делчев“, пред судот посочи дека не чувствува вина за делото што ѝ се става на товар. Нејзиниот адвокат Љубомир Михајловски посочи дека ќе докажат оти најголем придонес за да се случи несреќата има покојниот. Обвинителството, пак, е децидно дека ќе докаже оти вината е кај возачот Филиповиќ.

„Да, разбирам за што сум обвинета. Според ова обвинение, не се чувствувам виновна“, рече обвинетата Филиповиќ.

Три вештачења има пред судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ. Веќе на наредното рочиште ќе треба да има распит на сите тројца вештаци. Според вештачењето на обвинетата, најмногу вина за несреќата има кај покојниот.

„Од доказите што ги добивме произлезе потреба да направиме и наше вештачење, кое го доставивме до судот, бидејќи сметаме дека помеѓу другите докази што се дадени од страна на одбраната, како битен доказ, ќе произлезе дека обвинетата не го сторила делото на начин на кој е опишан во обвинителниот акт. Одбраната ќе докаже дека причина и најголем придонес за сообраќајната незгода е всушност од покојниот, пешакот кој исто така бил учесник во сообраќајот. Предлагаме да биде испрашано и вештото лице за да може во директен распит да се расчистат дилемите. Во однос на вештачењето, кое е дадено од полномошникот на оштетениот, сметам дека не треба да се прифати бидејќи главната расправа е почната“, рече адвокатот Љубомир Михајловски, бранител на Филиповиќ.

Обвинителката Сања Бурјаковска-Китановска е децидна дека ќе го докаже оти обвинетата Филиповиќ го сторила кривичното дело тешки дела против имотот и луѓето во сообраќајот.

„Обвинителството достави поголем број докази со кои планираме да ја докажеме основаноста на обвинението дека обвинетата го сторила делото во време, место и начин јасно и детаљно е опишан во диспозитивот на обвинението. По изведување на сите материјални докази, писмени докази, обезбедени материјални траги од МВР, надополнето со искази на сведоци и изготвено сообраќајно-техничко вештачење, од кое видно ќе се утврди дека генератор и причинител на несреќата е обвинетата Гордана Филиповиќ. Обвинителството ќе предложи обвинетата да биде огласена за виновна и да биде казнета во согласност со законот“, посочи обвинителката.

Несреќата се случи во јануари минатата година кога во пешакот удри автомобилот „бмв“, управуван од обвинетата.

Филиповиќ е мајка на кумановката Јелена, која имаше 17 години, а пред три години исто така загина во сообраќајна несреќа. Возачот што ја прегази доби 7,5 години затвор.



Слични Објави