Курбан на олтарот на “христијанскиот” секуларизам
Facebook статус на Никица Корубин
Побласфемично од насловот е само идејата дека може на едно место и под ист кров (на религиозен објект), секуларно да се спојат суштински различни религии – христијанството и исламот, за почеток и како обична презентација: “малку Библија, малку Куран, малку лик на светец, малку калиграфија”. Оваа намерна симплифицирана метафора, треба да го долови апсурдот на идејата да се формира “Музеј на христијанското и исламското културно наследство” во објектот на Јени џамија во Битола, чиниш станува збор за идентични нешта: религија-секуларност-културно наследство.
Поимот “културно наследство” се однесува на односот на државата кон севкупното наследство (вклучително, но не и исклучиво религиозното наследство); и суштински го третира “секуларно”. Оттаму, религиозното наследство се третира уметнички и архитектонски, за секој објект или религија посебно, поради суштинската разлика.
И токму затоа, надвор од религиозноста, која преку културното наследство е всушност де-сакрализирана, она што државата третира е уметноста (архитектура и фрескосликарство за христијанството или архитектура и декорација за исламот, каде што “ликот” воопшто и не се претставува). За држава која има богато културно наследство од различни периоди, огромен е предизвикот да се повлече границата помеѓу културното наследство и религиозноста. А, најмалку да се “измешаат” на ваков апсурден начин.
А, кога веќе се мешаат, зошто се мешаат очигледно “христијански”? Јени џамија не е првата џамија која во темелите содржи христијански храм, на ист начин како што византиските цркви во своите темели содржат ранохристијански базилики, а тие пак антички урбани целини. Тоа се нарекува историски континуитет. Сите некако брзо ја заборавија, Имарет џамија, на Плаошник, која беше изграден врз постари објекти, црквата Свети Пантелејмон и ранохристијанска базилика. Каде е денес Имарет џамија?
Во “застаклените темели” на нов христијански објект, изграден врз археолошки локалитет, црквата свети Климент и Пантелејмон. Ако е и таму. Па, како никој не се сети овој ново изграден храм, да го претвори во Музеј на христијанското и исламското наследство, за да се презентира нашето мултикултурно и мултиконфесионално општество? Зошто Битола да има, а Охрид да нема? Ќе најдат место, во некоја ниша и за златната маска од Горна порта. Барем да го комплетираме апсурдот.
Оттаму, еден религиозен објект може да ја има само религиозната намена, а притоа државата да го заштити како културно наследство. Или пак, да биде целосно де-сакрализиран, како што бил случајот и до сега со Јени џамија, која имала улога на галерија. Не може “малку религија, малку музеј”, за кои постојат точно одредени правила. Затоа што во спротивно, прв нареден храм за “музеј” е Свети Софија во Охрид, која секако повеќе се третира како концертен објект, отколку како религиозен објект, а пак за заштитено културно наследство не станува ни збор. Или било која друга црква или џамија, која може да ја “претвориме” во музеј.
Што пак ја отвора деликатната тема за имателите, односно сопствениците на религиозните објекти, односно верските заедници, кои во секуларна држава се одвоени од државата, но очигледно нерамноправни во сопственоста над објектите. Во првите години на независноста, најважните христијански храмови се дадени на владение на МПЦ-ОА со директна одлука на државата, внимавајќи на сложениот процес на афтокефалноста на МПЦ-ОА.
И денес сите христијански цркви се истовремено и религиозни објекти кои се заштитени како културно наследство. Нема црква-музеј. Зошто тогаш би имало џамија-музеј? Белким Музејот во Битола, има доволно простор да ја прикаже и христијанската и исламската уметност, во витрините на сопствените музејски простории, во одвоени поставки, според елементарните правила и пракси. И да ја направи очигледната разлика помеѓу секуларноста и религиозноста.
И да се грижи за сопствената музејска поставка, што е главна задача на еден музеј. А Заводот пак од Битола, да се погрижи малку повеќе за културното наследство под негова надлежност и за неговата заштита. Кога ќе се одвои од Музејот, со кои незаконски речиси 20 години, се иста институција. Па, дури потоа да видиме, кој за што се “грижи”, и кој за што е “надлежен”. И во Битола, и во државата.