Кузеска: Вредностите на коалицијата меѓу ДПМНЕ и Левицата се против НАТО и против ЕУ
На повидок е антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левицата. Во едно интервју Мицкоски јавно рече дека е за коалиција со Левицата, а за вредностите би седнал на маса да преговара. Во друго интервју, пак, неговиот партнер Апасиев вели дека се подготвени за преговори со ДПМНЕ и дека сите опции им се отворени, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Левицата е проруска, анти-НАТО и анти-ЕУ партија, која се поклонува на диктатори како Енвер Хоџа. Радикална десница, вљубена во режим исто како и ДПМНЕ. Тоа се антиевропските вредности на коалицијата ДПМНЕ и Левицата на Мицкоски и Апасиев. Одамна е сè јасно, сега само се потврдува. На претстојните парламентарни избори ќе имаме два политичка блока. Првиот проевропски блок, предводен од СДСМ, кој се бори за европска иднина, поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и европски вредности. И еден антиевропски блок од ДПМНЕ и Левицата, кој е за изолација и кој значи економско уназадување, стагнација и оддалечување од Европската Унија и демократскиот свет“, рече Кузеска.
Како што додава, граѓаните не сакаат изолација, нови иселувања на младите и неизвесност. Граѓаните сакаат членство во ЕУ, вели таа, поголеми плати, подобар животен стандард, младите сакаат својата иднина да ја градат во европска држава, дома, во својата татковина.

