|

Лефков: Непријавена хациенда има директорката што овозможила богатење на луѓето на Груби

ВМРО-ДПМНЕ продолжи со објавување на нови детали околу луѓето блиски до вицепремиерот Артан Груби, за кои тврди дека вртат големи бизниси, но и функционерите во институциите од ДУИ кои тоа им го овозможиле.

Партијата веќе објави дека фирмата Метролаб, основана од Ермир Имами, кој бил вработен како шалтерски работник кај братот на Артан, Ветон Груби, добила акредитација за вршење на инспекција на мерила за зафатнина и проток на нафтени деривати и течен нафтен гас, процес во кој учествува Бирото за метрологија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков образложи дека Бирото е од клучно значење во целиот процес, па затоа ќе презентира која е Мерита Мустафаи, директорка на оваа институција.

„Мерита Мустафаи од ДУИ, која го овозможува бизнисот на човек близок до семејството Груби, во својот анкетен лист пријавила два стана во Тетово и едно теренско патничко моторно возило, Шевролет Каптива, сите на име на нејзиниот сопруг, но и два кредити, од кои едниот е еднаков со вредноста на станот во Тетово, кој е купен во истата година кога е земен и кредитот.
Вака анкетниот лист не е спорен, доколку не се знае фактот, дека сопругот на Мерита Мустафаи, Ељмир Мустафаи, поседува луксузна хациенда на Попова Шапка од над 150 метри квадратни“, рече Лефков.

Тој ги покажа пред јавноста хациендата на Попова Шапка, на Мустафаи и имотниот лист на нејзиниот сопруг.

Оттука се гледа, рече Лефков, дека Мустафи не ја пријавила луксузната хациенда.

„Хациендата на Мустафаи е почната со градба во 2020 година, тоа може да се види од овие сателитски снимки, тоа е една година пред Ермир Имами, вработен кај Груби, да ја основа Метролаб, а истата е завршена со градба веќе август 2021 година, ја има и снимката. Зошто Мустафаи не ја пријавила хациендата? Што се крие зад тајниот имот? Со кои средства е направена хациендата и дали семејството Мустафаи има доказ за потеклото на парите со кои е направена хациендата? Јавно ги повикуваме институциите, на чело со ДКСК, но и ЈО и сите финансиски институции во државата, да отворат истрага и да утврдат со кои пари семејството на Мустафаи ја гради хациендата на Попова Шапка, но и зошто таа не ја пријавила?“, праша Лефков.

Партијата најави нови детали за бизнисите на луѓе блиски до Груби во следните денови.



Слични Објави