Лидерот на „Златна зора“ Никос Михалолиакос условно ослободен од затвор
Лидерот на грчката неонацистичка партија „Златна зора“, Никос Михалолиакос, е условно ослободен од затвор, пет години откако почна да ја издржува казната од 13 и пол години, јави државната новинска агенција ANA, пренесува БГНЕС.
Судскиот совет му дозволил на 67-годишниот математичар и негатор на Холокаустот да го издржи остатокот од казната во домашни услови, поради здравствени причини.
Ова е вторпат Михалолиакос да биде пуштен од затвор откако во 2020 година беше осуден заради долг список на насилни напади извршени од „Златна зора“ против мигранти и политички противници. Тој беше кратко ослободен во мај 2024 година, но судските власти тогаш проценија дека не покажал добро однесување и го вратија зад решетки.
Злосторствата поврзани со „Златна зора“ вклучуваат убиствата во 2013 година на антифашистички рапер и пакистански мигрант, како и претепувања на египетски рибари и комунистички синдикалисти.
Ксенофобската и антисемитска организација, основана од Михалолиакос, со децении беше маргинална партија, сè додека должничката криза во Грција во 2010 година не ѝ даде можност да капитализира на незадоволството од имиграцијата и мерките за штедење. Во 2012 година првпат влезе во парламентот, а во својот подем беше трета најголема партија во земјата.
Од осудувањето на лидерот и десетици членови во 2020 година, „Златна зора“ речиси целосно исчезна од политичката сцена. Обжалувањата на пресудите започнаа во 2022 година и сè уште траат.
Меѓу оние што остануваат во затвор е и поранешниот европратеник Јанис Лагос, кој во 2021 година беше лишен од имунитет и екстрадиран од Белгија, за да ја издржи својата казна од 13 години и осум месеци.

