| |

Маѓар: Никола Груевски е меѓународен престапник и нема место во Унгарија

Победникот на изборите во Унгарија, лидерот на партијата „Тиса“ Петер Маѓар изјави дека неговата земја не треба да биде засолниште за „меѓународни престапници“, посочувајќи го случајот со поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој доби азил во земјата, јавува БГНЕС.

„Унгарија категорично не смее да биде засолниште на меѓународни престапници. Ова важи и за г. Никола Груевски, кој е осуден престапник“, изјави Маѓар, додавајќи дека очекува европските држави да соработуваат и да ги екстрадираат политичарите кои избегале од правдата.

Тој упати критики и кон поранешниот премиер Виктор Орбан поради давањето азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марчин Романовски, обвинети за злоупотреба на службената положба, повлекувајќи паралела со случајот на Груевски.

Маѓар истакна дека е запознаен со политичките врски меѓу владите на Унгарија, Србија и Словачка, нагласувајќи дека „знае кој е кумот на тие пријателства“.

Во однос на односите со Србија, тој изјави дека тие треба да се зачуваат поради унгарското малцинство во земјата, иако има различни ставови со српскиот претседател Александар Вучиќ. Маѓар додаде дека би сакал средба со него.



Слични Објави