Ѓуров му честиташе на Петер Маѓар за победата во Унгарија
Бугарскиот премиер Андреј Ѓуров им честиташе на граѓаните на Унгарија и на Петер Маѓар за изборните резултати, истакнувајќи ја рекордната излезност како доказ за силата на демократијата.
„Демократијата не е само гласачка кутија. Таа е непоколебливиот глас на луѓето кој вели: Тука сме, ни е грижа“, напиша Ѓуров на Фејсбук.
Тој нагласи дека вистинската сила на една држава е во граѓанското општество и додаде дека Европа е „избор да бидеме заедно во вредностите, да ја чуваме слободата и да го браниме достоинството“.
Ѓуров посочи дека искуството од Унгарија покажува што се случува кога граѓаните веруваат во својата моќ, додавајќи дека сега следува моментот за Бугарија. Според него, службената влада работи за фер избори, но „големата сила е кај граѓаните“, а високата излезност ќе биде „најголемата победа за демократијата“.
