„Македонија останува изолирана“: За Филипче раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е катастрофа за граѓаните
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рааздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред се, ова, како што кажа, е огромна катастрофа за иднината на граѓаните.
„За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто го има? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?“, праша Филипче.
Според него „сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред.
„За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“, кажа Филипче.
Оцени дека за прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира.
„Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции“, укажа Филипче.
Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија.
„Оваа Влада е Влада без чуство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот“, потенцираше Венко Филипче.
Обраќајки се на прес конференцијата тој истакна дека „најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европскиите преговори и спорот со Бугарија.
„Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати наназад односно да се отоври повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта“, рече Филипче.
Тој е убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме и дека, напротив, ќе добиеме.
„Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство“, истакна Филипче.