МАКЕДОНИЈА СО НАЈГОЛЕМА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ ОД ЕУ

//

Министерката за финансии, Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваа на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу Европската унија и Западен Балкан и Турција, кој се одржуваше онлајн.

Како што информираат од Министерството за финансии, на него било посочено дека Република Северна Македонија годинава е најдобра во регионот во однос на препораките на Европска комисија од Програмата за економски реформи, за периодот од мај 2019 до јануари 2020 година, кои се однесуваат на реформски мерки за јакнење на финансиската стабилност и креирање на работни места.

Исто така, Европската комисија позитивно ги оценила македонските политики за справување со коронакризата.

„Последниве три години, Република Северна Македонија е меѓу првите земји во регионот во спроведувањето на економски мерки согласно препораките дадени од Европската комисија во рамки на Економскиот и финансиски дијалог“, било посочено во рамки на дебатата.

Министерската за финансии, Ангеловска, која го координира процесот на подготовка на економските мерки во Програмата, посочила дека има релативно добар напредок во мерките.

„Добра реализација има во реформите во поглед на социјалната заштита, како и спроведувањето на мерката за младинска гаранција. Исто така, се преземаат напори за справување со најгорливиот проблем, сивата економија, за која Министерството за финансии изготви акциски план“, нагласила Ангеловска.



Министерката за финансии истакнала и дека досега земјава има донесено три сета на мерки во однос на коронакризата – два за премостување на кризата насочени кон даночни ослободувања, финансиска поддршка за зачувување на работни места, ликвидносни инјекции и регулаторни мерки и третиот насочен кон поддршка на потрошувачката и на стопанството преку низа мерки.

Било нагласено и дека Народната банка е директно вклучена во спроведувањето на неколку од минатогодишните препораки од Програмата за економски реформи, кои доминантно се насочени кон натамошно зајакнување на финансиската стабилност.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочила дека препораките во рамките на дијалогот со ЕУ имаат значајна улога во зајакнувањето на економските фундаменти и дека Народната банка ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките од Програмата за економски реформи за наредниот период.

Извор: Макфакс

Претходна статија

БЕКТЕШИ: ОТВОРАЊЕТО НА УГОСТИТЕЛСКТИЕ ОБЈЕКТИ ЗАВИСИ ОД ПРЕПОРАКИТЕ ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

Следна статија

ЗАЕВ: АКО НЕМА ДОГОВОР – ИЗБОРИ НА 21 ЈУНИ, СПОРЕД УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ

Најново од Вести