Македонија-„тажната приказна…“
Пишува: Владимир Перев
1.
Марта Кос од Прага, за РСЕ ја кажа својата констатација за „тажната приказна на Балканот“. Ја кажа онака „по западначки“, со ладна глава, без многу емоции и определена безнадежност во тонот. Но тоа беше само за нас. Оптимизам провејуваше од нејзиниот исказ дека во 2026 година Црна Гора, а во 2027 година Албанија, ќе бидат готови да пристапат кон Унијата, со завршени реформи и исполнети барања за пристапување. Ние остануваме на ветрометина…останува проблемот со Косово и Босна и Херцеговина, ама таму ситуацијата е сосема поразлична. Кај нас нема намера за пристапување. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски, не убедува дека е „во контакт“ со Марта Кос, ама ние слабо му веруваме. Такви приказни за „контакти, пријателства и периметри“ сме се изнаслушале последниве триесетина и повеќе години. Може би такво нешто и има, ама ние сепак стоиме во место.
2.
Нашиот премиер Христијан Мицкоски ја води својата борба за присоединувањето на Македонија кон Унијата. На конгресот на ЕПП во Валенсија, можеа да се чујат следниве негови изреченија: „Македонија се соочува со двојни стандарди на патот кон ЕУ и тоа ја намалува довербата на македонските граѓаните во Унијата…ја поткопуваат довербата, го намалуваат ентузијазмот и ризикуваат да го ослабат самиот европски дух што го застапуваме…Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели“ – рече Мицкоски пред лидерите на ЕПП. Тоа се фрази одамна слушани на сите европски собиранки, фрази кои наместо да ги отвораат процесите за присоединувањето на Македонија кон Унијата, само ја кочат работата на европските дипломати. Интересно е што никогаш не разбравме „што Европа ни одговорила“, освен вообичаеното-реформи и бугарите во Уставот како прв чекор. Тогаш, каде е проблемот?!
3.
Иако цела Европа (условно кажано) е на „наша страна“, ние не можеме да се поместиме од мртвата точка на нашето европско егзистирање. Се слушаат гласови дека суштината на проблемот лежи во два елементи на македонската политика: 1. Немање слух за демократија и демократски принципи и 2. погрешно, искривено толкување на сопствената историја, за „нашето учество и придонес кон светската историја“ и за нашите „историски заслуги“ во светски рамки.
Не постои политичар во Европа, нема нормален човек таму, кого ќе го убедите дека Бугарите не треба да влезат во Уставот на РСМ, заради икс причини кои сега би било несериозно да се набројуваат. Просто и едноставно-во Македонија има бугари, тука се со векови, тука имаат своја историја, свои гробови и свој придонес кон развитокот на државата. Учествуваат во формирањето на Независната и Суверена Македонија и никој не може да разбере зошто тие не можат да бидат во Уставот, а сите други можат. Нормален човек или политичар од Европа, тоа не може да го прифати.
Проблемот со нашето видување на сопствената херојска историја, полека станува светски проблем. Еден народ кој „петстотини години живеел под турско материјално и грчко духовно ропство“, (така учеше мојата генерација) денес модерно претставено како „живот во сожителство“, со само едно востание и неколку селски буни, нема право да дава лекции за слобода, демократија и принципи. Да не говориме за никогаш незгаснатите дискусии, „дали Илинденското востание во 1903 било предвремено, или требало да се причека, ама бугарските врховисти го дезавуирале предвреме“! Анегдотата за „кубурот во зло време“…
4.
Ако правилно сме ги разбрале напорите на Бугарија и Македонија за разрешувањето на јазичните и историските прашања, тогаш таа работа требаше да ја заврши Историската комисија. Колку и нереално да звучи, таа требаше да го потврди македонскиот идентитет и јазик од Август 1944 година наваму и со тоа да се затвори неразјаснетото прашање за идентитетот и јазикот. Ние баравме повеќе, многу повеќе, баравме антички и средновековен идентитет. За античкиот идентитет се разбравме со Грција преку понижувачкиот Преспански договор со кој Македонија влезе во НАТО и стана дел од најсилната воена алијанса. Грците диригираа и ние прифативме…сега, сите објаснувања и плачења се непотребни и безцелни. Со Бугарија битката е жестока, ама нема победа на повидок. Бугарија е свесна дека ако го отстапи Самуил и средновековието, ако дозволи да се „помакедончат“ на модерен начин Преродбата, ТМОРО/ВМОРО, ВМРО и хероите од Преродбата и војните, бугарската историја, условно речено ќе се движи од хан Аспарух преку Левски и Ботев, па наеднаш до Георги Димитров (и за него имаме претензии!) за да заврши со Тодор Живков. Во Софија одамна им е јасно, дека таквата разрешница на „македонското прашање“, фактички ја исфрла Бугарија од нејзиното 1300-та годишно историско, духовно, културно и револуционерно присуство од територијата на РСМ, но и од целата Македонија. Да, во историјата ќе им останат и некои чии (руски) имиња ги носат улиците во Софија, ама тие имаат заслуги за Бугарија колку ерменски поп за протестантизмот. Затоа, тоа нешто нема да се случи.
5.
Онака како што времето и настаните не принудија да прифатиме дека Грција „не е монархофашистичка“ држава, така ќе треба да прифатиме дека Бугарија е модерна, европска држава, ослободена од „руската чизма и комунистички гнет“, држава со своја ролја, глас и авторитет во модерна Европа. Општествените и политички пројави на некакво бугарско „русофилство“, повеќе треба да се гледаат како израз на народносен фолклор на одредена група граѓани, отколку на јасна и конзистентна политика. Нашата прикриена (но и јавна) омраза кон Унијата, бидејќи ни ја „одзеде Антиката“ во полза на Грција, а сега ќе ни ја „одземе историјата и јазикот“ во полза на Бугарија, се само далечно, стерилно ехо на нашите не-можности за интервенција. Слаба е надежта дека Русија или Путин лично ќе ни помогнат во борбата против Бугарија. Дури и тие кои велеа дека писменоста дошла од „македонската земја“, сега ја сменија плочата и пеат за „бугарската писменост“ внедрена во руските културолошки и образовни почетоци…ни Русија веќе не е она што била!
Не треба да се залажуваме за иднината на нашите односи со Бугарија и со ЕУ. Позициите зацртани со „Францускиот предлог“ кој стана предлог на ЕУ, како и Протоколите од Комисијата нужно ќе треба да се прифатат. Слушнете го само претседателот на Бугарија Румен Радев, кој вели дека зборот „отстапки“ (се мисли на односите со РСМ), „не постои во мојот речник. Условите треба да се исполнат“.
Некои од нас „умот ги лаже“ дека Европската унија ќе се распадне, па така ќе ги сочуваме идентитетот и јазикот. Ако тоа и се случи, тогаш Македонија ќе биде “НАЈтажната приказна на светот“, ќе биде распарчена и заборавена. Сега Марта Кос не ни дојде во посета, ама тогаш нема ни да не спомене!
