Македонската Kristallnacht

//

Пишува: Владимир Перев

Не треба многу да се пишува за да се разбере; “Кристалната ноќ“ или Reichskristallnacht, Pogromnacht или Ноќ на скршено стакло) е акт на масивно прогонување на евреите во цела Германија и делови од Австрија на 9 и 10 неомври 1938 година. Домовите на Евреите биле опустошени во неколку германски градови, како и 8.000 еврејски дуќани, градови и села, од страна на цивили и членови на СА, кои ги рушеле еврејските градби со токмаци, оставајќи ги улиците покриени со скршени прозорци и излози. Од таму доаѓа името „Ноќ на скршено стакло“. Многу евреи биле претепани до смрт (бојката се движи до некаде 200 души), а 30.000 евреи мажи биле однесени во концентрациони логори, 1.668 синагоги опустошени и 267 запалени. Тоа би биле енциклопедиските податоци околу кои сите сѐ, горе-долу, согласни.

Резултатите од ова лудило се познати. Тоа е почетокот на падот на симпатиите, ако некои и ги имале воопшто, кон нацистичкиот режим, но и почеток на Холокаустот, како најголемиот срам на 20-от век. Последиците се стравични: шест милиони евреи настрадале во Холокаустот, а Германија (и Австрија) е победена во војната, поделена и одново воспоставена дури во 1990 година, со падот на Берлинскиот ѕид и Источниот лагер воопшто. Денес Европа живее слободно!

Каде сме тука ние, Македонија и македонците? Дали сме на патот кон Европа и слободниот свет, како што милуваме да си кажеме и да сѐ залажуваме себе сѝ?!

На Македонија ѝ се случуваат работи одамна заборавени во цела Европа, заборавени и во земјите од бившиот Источен лагер, со исклучок на нашата “братска и сакана“ Русија, каде човековите права се на ниво на правата на граѓаните од Третиот Рајх во Хитлерово време. Ние тонеме во процеси на проскрибирани личности и настани, во толкување на состојби низ визурата на југословенскиот комунизам, и најмногу низ погледот на Белград, заситени со навидум непремостливата југоносталгија. Зад сето тоа стои строгиот поглед на Путин, болниот човек од Москва и злосторникот врз невините народи на Украина и Русија.

Нацистите сметале дека евреите се проблемот за упадокот на германската нација, па проблемот го “решавале“ со прогони и Холокауст. Македонските југокомунисти и бугарските болшевици сметале дека проблемот на упадокот на Македонија и Бугарија лежи во личностите на Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов, па организирале погроми, убиства без суд и пресуда, како и административно насилие низ многубројните “установи“ од кои најпознати се Добој, Идризово и Белене. Гонети и проскрибирани биле сите оние кои ги прогласувале за ванчомијајловисти или монархисти, подло подведувајќи ги под графата фашисти. Така, беззаконието било одобрено од највисоките власти, а насилието останало неказнето.

За злосторствата во Втората светска војна се организирани повеќе судски процеси, како Нирнбершкиот, процесите во Токио, бугарските бескрајни и крвави насилни процеси, процесите во Париз и македонските инструирани судења за “ванчомихајловизам“. Бугарија ја промени политиката по 1990 година, па веќе отворено се зборува дека монархот не е “монархофашист“ а Ванчо Михајлов е заслужен бранител на бугарската национална кауза, како во Бугарија, така и во Македонија, заслужен борец против болшевизмот. Каде сме ние?

Ние не сме ослободени, ние сеуште сме под менталната опојка на Југославија и будното око на службите во Белград. Тие се тука, меѓу нас и се учесници на сите наши настани…во “нашиот“ Парламент и вон него. Москва е порачител, Белград инспиратор а Македонија извршител на темните налози од задгробниот србокомунизам. Целиот напреден свет знае кои биле Борис трети и Ванчо Михајлов, само овде, во Македонија тие се поврзуваат со фашизам. Дури и повеќе-инспирирани од “болниот човек“ во Москва, кој поведе операција за “денацификација“ на Киев и на евреинот Зеленски, сега, атрибутот “фашист“ за Борис и Михајлов плагијаторски се трансформира во “нацист“! Тоа е полтронство и услуга на Москва и Белград. На оној Белград, кој ја “избриша“ улицата што го носеше името на Гоце Делчев, велејќи дека “некакви бугарски комите“ немаат место во градот на “двете реки“! Така е тоа.

Државата Македонија е заробена од шепа безродници, а власта е немоќна нешто да преземе. Европа стаписана гледа како нам и овде ни се случува “Македонската Кристална ноќ“, како се палат вратите и кршат стаклата на бугарските клубови во Македонија. Треба уште и да имаме некоја жртва, за конечно да заличиме на Третиот Рајх или на Русија од времето на цар Николај и неговиот погром врз евреите. Сите имаме учители, а Хитлер бил најдобриот ученик на Николај Први и на сатрапот Џугашвили. Некои овде сѐуште ги слават и не можат да ги прежалат.



Работата е во беззаконието и неказнивоста. Фашистите и нацистите, низ судските процеси скапо ги платија, како својата идеја така и своите дела. Судилиштата, нивната дејност морално и психолошки ја обезличија, а пресудите со стрелање или бесење (или без пресуди), само го потврдија фактот за злосторот. Не сите пресуди беа праведни, ама и времето било неправедно!

Во земјите на комунизмот не се спровдоа судски процеси за осуда на ликот и делото на оние кои насилно спроведуваа еден нечовечки режим на убиства и насилија, одземање на имоти, национализации, експропријации и слични беззаконија. Творците на “комунизмот“ останаа недопирливи, сеуште меѓу нас и сеуште ни продаваат памет, дури и насилно, со бившите методи, тврдејќи дека тој режим бил хуман и прогресивен, а сите други биле “ненародни“ и фашистички. Затоа е и палењето на Клубот “Иван Михајлов“ во Битола и повтореното кршење на стакалата на клубот “Цар Борис трети“ во Охрид. Сторителите се познати, ама нема казни, нема ниту политичка или морална осуда.

Под името на некаков антифашизам се сеѐ омраза кон бугарите во Македонија, се промовираат антиевропски развојни идеи и се шири општествен дефетизам. Млаката, слаба држава стои и и беспомошно гледа како една шепа безродници, сместени во сите општествени слоеви, од клупите на Парламентот, до бездомниците на клупите во градските паркови, говори и шири омраза кон бугарскиот народ, држава и историја, сето тоа заситено со изјави од “убавото минато време на црвениот пасош“. Истите сакаат да патуваат кон Европа, ама со “пасошот на Тито“, а сите други евентуални можности за пристап до европските ценности, за нив се неприфатливи.

Македонија ги доживува своите “кристални ноќи“ веќе во неколку наврати. Власта молчи. Добро е ако не сака да реагира и се согласува со стореното. Тоа е позиција на една држава, таа позиција треба да биде објаснета и да се почитува. Тогаш, македонските бугари ќе се на јасно со својата иднина во родната земја и ќе треба да го бараат излезот од евентуалниот “бугарски“ Холокауст кој може да следи по ваквата стерилна позиција на државата Македонија.

Лошо е ако државата сака, ама не може, нема сила да реагира. Тоа говори за распадната држава, немоќна да ги спроведе демократските процеси во својата надлежност. Така нема да се стигне до Европа, а заостанувањето во европското присоединување, може да означува единствено распад на државата. Тоа нешто е видливо и сега!

Треба ли да чекаме човечка жртва, или повеќе жртви за да си ја разбереме позицијата и да си го согледаме патот и излезот?

Ниту една сметка не останала ненаплатена. Навидум беззсилно звучат протестните ноти на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Но тоа е така само навидум… и не е само министерството. Состојбата кај нас ја следат и невладини организации и фондации. Фондацијата “Б’лгарска памет“ на д-р Милен Врабевски ја следи состојбата и ги покрива штетите направени на објектите кои таа самата ги финансираше. Ова е нова, поинаква форма на “скрининг“ од оние кои ние ги познаваме. Ова е европски и светски норматив, наложен од една фондација. Затоа, еден ден, во блиска иднина, следните македонски генерации ќе ги плаќаат сметките на омразата и насилието кон македонските бугари…Европа будно нѐ следи, уплашена од повторување на историјата!

Претходна статија

Планот на власта, вината за неуспехот во евроинтеграциите да им го префрли на македонските Бугари, нема да успее

Следна статија

(Видео) Трендафилов: Кај нас има институционална југословенска омраза кон Бугарија, таа и штети на РСМ

Најново од Истакнато