Македонско-бугарската стопанска комора одбележа 15 години од своето основање
Под мотото „Бизнис без граници. Раст преку споделен успех“, Македонско-бугарската стопанска комора во Скопје на 21 октомври одбележа 15 години од своето основање, јавува БТА.
Од основањето во 2011 година, Комората работи на поврзување на деловните заедници на Северна Македонија и Бугарија, создавајќи можности за нови деловни контакти, партнерства, трговска размена и долгорочна економска соработка. Денес таа обединува повеќе од 80 членки.
Според податоци на бугарското Министерство за економија, економската размена меѓу двете земји се зголемила од околу 712 милиони евра во 2011 година на 1,317 милијарди евра во 2025 година. На одбележувањето беше посочено дека зад овие бројки стојат компании, луѓе, идеи и конкретни деловни можности, а Комората има улога во поттикнувањето на дијалогот и создавањето нови партнерства.
Претседателката на Комората од 2023 година, Биљана Митева, истакна дека деловната соработка треба да придонесува за градење мостови меѓу луѓето од двете страни на границата.
На настанот беа доделени благодарници за соработка на Амбасадата на Бугарија во Северна Македонија, бугарската Служба за трговско-економски прашања, повеќе стопански комори, како и на дописникот на БТА во Скопје за информирањето на бугарската јавност за активностите на Комората.
Признанија за досегашната работа добија и почесните претседатели Зоре Темелковски и Кирил Лазаров, поранешниот извршен директор Горазд Чомовски и најактивните членки на Комората.
На одбележувањето присуствуваа амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас, дипломати, заменик-министерот за економија на Северна Македонија, претставници на бизнис-заедницата и други гости.
