Зошто ни е неопходно „погрешното“ мислење?
Ели Секуловска
Џон Стјуарт Мил (1807-1873) во 1859 година го напиша маестралното дело “Оn Liberty” или “За слободата”, дело кое стана еднo од највпечатливите одбрани на слободата на говорот. Авторот аргументира дека ниту владата, ниту било кој има право да забрани слободно размислување и слобода на говор. Тој смета дека дури и мислењето што се разликува од општото, а кое го застапува еден поединец, има голема вредност за општеството бидејќи може да се покаже како точно.
Мил не потсетува дека најголемите интелектуални катастрофи во историјата се случиле кога луѓето биле убедени дека се 100% во право. Луѓето не се
непогрешливи, па затоа мислењето на малцинството мора да биде заштитено; во спротивно, човештвото ќе биде лишено од можноста да ја замени заблудата со вистината.
Дури и ако општественото мислење, иако општоприфатено е 100% точно, доколку не се соочи со спротивното (погрешното) мислење, истото може брзо
да се претвори во “мртва догма”. Авторот твдри дека и погрешните мислења имаат голема вредност затоа што тие наложуваат прифатените вистини само преку аргументираниот судир со грешката да добијат многу појасна перцепција, пожива претстава и подлабоко разбирање – зошто вистината треба да е вистина. Мил верува дека во демократскиот модел континуираното преиспитување преку прашања и одговори е единствениот пат што води кон рационално општество. Но, во Северна Македонија која наводно се ослободила од гадниот титов социјалистички модел кога вербалниот деликт беше кривично дело (вие не смеевте јавно да расправате и да ги критикувате аномалиите на општеството затоа што ќе бевте или накодошен или ќе одговаравте кривчно за вербален деликт), па не можеше да се одвива никаква темелна расправа иако уште тогаш државата пукаше по сите шавови (мислам на тогашна Југославија). Таквата пародија доведувашe до изедначување на вредноста на потчинувањето и прекршокот и во тоа е најтешкото злосторство бидејќи ја поништува разликата на која се темели законот.
Денес, како реликт од минатото, наметнувањето на мислење во Северна Македонија не е со кривична пријава, туку со закани во четири очи или како
што објаснува Мил, во неправедните општества се користи морална присила (преку озборување, осудување или социјално исклучување ) за да ги натера поединците да се усогласат со преовладувачките ставови. Медиумите пак во Северна Македонија кои работат под “нечиј” диктат ме
потсеќаат на делото “Реквием за медиумите” на Жан Бодијар. Бодијар е веќе прочитан, анализиран, па од неговите дела може да се извлечат паралели за тоа како работи целата медиумска државна машинерија во Северна Македонија вклучително и приватните медиуми. Наместо вистинска размена на
мислења и идеи, медиумите без разлика дали се електронски или печатени, нудат не- комуникација, говор без одговор каде на граѓаните им се сервираат готови модели за консумација. Вистинската комуникација на медиумите не треба да биде еднонасочна туку треба да биде простор за реципроцитет каде што има ќе има рамноправна размена меѓу говорот и одговорот. Така, енонасочното презентирање од страна на сите медиуми ја раствора смислата и го претвора општеството во некој вид на небулоза која никако нема да доведе до некоја иновација, туку, напротив, до тотална ентропија.
Покрај еднонасочната лага, на сцената се презентира квази-пуритански морал и малограѓанска култура. Нема повеќе ниту критичка, ниту дијалектичка сцена, ниту пак минимална илузија за настаните да ја добијат моќта на реалноста. Се’ се расплинува на екранот на телевизијата, не постои репсективна позиција додека пак демаркационата линија, линијата на поделбата на смислата, вистината и лагата исчезнува за да се отстапи место на една слика која е “повистинита” од вистината. Кога лагата го отстапува местото на вистината без никакви консеквентности, се губи секоја смисла на постоењето. Така, комуникацијата и општеството функционираат во еден затворен круг како измама за која се врзува моќта на одреден мит. Верувањето во еднонасочните информации се врзува за тој тавтолошки мит кој го наметнува системот за самиот себеси и се удвојува во знаците на една непостоечка реалност. И било која влада (имаме избор на само две влади) да дојде на власт во Северна Македонија се повторува истото. Тие нудат бинарен манипулативен дискурс кој е црно- бел и кој е прилично заморен и досаден: може да се каже десница/левица, исто/друго, мнозинство/малцинство, лудо/нормално..но, нема ништо од другата страна на преградата. Чудно е тоа што не постои спротивен термин во една бинарна спротивност.
Патем, левицата многу добро, спонтано самата им врши работа на десницата . Затоа што и десницата исто така спонтано врши работа за левицата па сите хипотези за манипулација се ревезибилни во една непрекидна вртелешка. Спој на системот и неговите екстремни алтернативи како два екстремитети на некое криво огледало.Сосема погршена закривеност на еден политички простор кој е веќе магнетизиран, циркуларна реверзибилност на десницата кон левицата и обратно до тотално исчашување.
Сите тие бестежински небулози кои не подлежат на законот на гравитација на реалното ќе доведат и самата власт (било која и да е), да биде осудена (и веќе е) на “ефект” на власт и масовна симулација за на крајот да се распадне во тој простор губејќи го контактот со своите цели и усмерувања. Следствено на тоа, ситуацијата кулминира до тој степен што играта власт е само опсесија за власт, опсесија со нејзиното преживување додека пак истата постепено исчезнува заедно со целата нејзина хипокризија, демонстрација на моќ и лаги и малтретирање во медиумскиот простор кој е повеќе од заситен и нехигиенски, наместо да отстапи место на свежа, напредна мисла и ум и да даде простор на барем малку “погрешно” мислење.
