Бугарија останува интересна дестинација за инвестиции поради даноците и финансиската стабилност
Еврозоната сама по себе не е пресуден фактор за привлекување инвеститори во Бугарија, но е позитивно дополнување бидејќи ги намалува трансакциските трошоци и валутниот ризик, оценува проф. д-р Тодор Јалaмов, заменик-декан на Стопанскиот факултет при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува Радио Бугарија.
Според него, поголема предност за земјата е едноставниот даночен систем, како и нискиот корпоративен данок од 10 отсто. Големите компании со приходи од 750.000 евра годишно плаќаат корпоративен данок од 15 отсто, што, според Јалaмов, исто така е поволно.
Како важен фактор тој го посочува и рамниот данок, заедно со нивото на придонесите. Тоа овозможува при исти трошоци за труд за работодавачот, вработен во Бугарија да добива повисока нето-плата отколку во некои западноевропски земји. Ова, според него, ѝ помага на земјата да привлекува квалификувани работници и одреден тип инвеститори. Истовремено, дел од компаниите што дошле исклучиво поради ниската цена на трудот почнале да ја напуштаат земјата поради растот на платите.
Јалaмов посочува дека различни инвеститори се привлечени од различни фактори. Како пример ги наведува грчките компании кои преселиле не само правни седишта, туку и производство во Бугарија, пред сè поради финансиската стабилност.
„Има многу грчки компании кои ги преместија не само правно, туку и физички своите производства во Бугарија. Тоа не се случи поради пониската цена на трудот, туку поради финансиската стабилност. Така што Бугарија е интересна дестинација за привлекување инвестиции.“
Професорот нагласува дека покрај странските инвестиции во Бугарија, важни се и бугарските вложувања во странство, бидејќи придонесуваат за растот на економијата, вработеноста и конкурентноста. Според него, дел од компаниите што статистички се водат како странски всушност имаат бугарски сопственици, а бугарски компании од финтек-секторот, трговијата со нафта и масла, фармацијата и текстилната индустрија веќе работат и инвестираат на странски пазари.
Како еден од главните мотиви за инвестиции во странство Јалaмов го издвојува пристапот до пазар. Тој потсетува дека и во првите години по 1990 година дел од странските инвеститори влегувале во Бугарија токму за да заземат пазарна позиција пред конкурентите, особено во прехранбената индустрија, санитарниот сектор и дел од услугите.
Според Јалaмов, денес сè поголемо значење има и привлекувањето странски претприемачи кои би основале компании во Бугарија, особено ако нивниот бизнис се заснова на иновации и е насочен кон нови пазари. Тој смета дека таквиот тип претприемништво може да има поголема долгорочна вредност од инвестиции чија главна цел е преместување на постојно производство поради пониски трошоци.
Како пример за ризиците од таквиот модел ги наведува италијанските текстилни фабрики преселени во Бугарија, од кои дел подоцна биле затворени, оставајќи ги работниците без можност за преквалификација.
Покрај даночниот систем и финансиската стабилност, клучни за долгорочното присуство на инвеститорите, според Јалaмов, се и квалитетот на институциите и начинот на кој функционира државата.
