| | |

(Видео) Бугарката Рајна Касабова – 15-годишната хероина и првата жена коja учествувала во борбен лет во историјата

Иако ретко се споменува, подвигот на Рајна Касабова зазема посебно место во историјата на светската авијација. На само 15 години, таа станува хероина на Балканската војна (1912–1913) и првата жена што извршила борбена мисија од борбен авион, пишува Актуално.

Рајна Касабова е родена во 1897 година во Карлово, во семејство со длабоки револуционерни традиции. Нејзиниот татко Васил Касабов учествувал во Шипченската епопеја, мајка ѝ Марија била крстена од Васил Левски, а брат ѝ Роман како младо момче се приклучил на четата на Јане Сандански.

За време на Балканската војна, тајно од родителите, Рајна завршува самарјански курс и заминува во Мустафа Паша (денешен Свиленград), каде се грижи за ранетите војници во полска болница. Таму станува сведок на првите извидувачки борбени летови на бугарската авијација и изразува желба да учествува во лет.

На 30 октомври 1912 година, Рајна Касабова полетува од аеродромот „Мустафа Паша“ со авионот „Воазен“, управуван од пилотот Стефан Калинов. Нејзината задача е да фрла летоци над Одрин со повик за прекин на борбите и капитулација на тврдината. Под оган од земја, таа фрла пораки на турски и француски јазик, во кои се наведува дека „крепоста наскоро ќе биде освоена и секоја наредна жртва е непотребна“.

Подвигот добива меѓународно внимание, но со текот на времето останува недоволно застапен во националната историја. Рајна Касабова никогаш не формирала семејство – нејзиниот сакан загинал во војната.

Таа умира на 25 мај 1969 година, останувајќи до крајот на животот во татковината, со вера дека нејзиното име ќе остане запаметено во летописите на храброста.

Слични Објави