МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИ НЕ Е ПРЕЧКА ТОЈ ДА ОДИ ВО ЗАТВОР

Вести Истакнато Македонија

Дали Собранието треба да гласа за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски или да констатира негов престанок? Адвокатот Драган Малиновски смета дека се исполнети условите за „престанок на мандатот“.

Многу забуни се создадоа во јавноста околу собраниската процедура за одземање на пратенички мандат и почеток на издржување затворска казна. Правниците велат дека неодземањето на пратеничкиот мандат не е пречка за издржување казна затвор.

„Се прави фама дали ќе имало двотретинско мнозинство што ќе гласа за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. И да нема двотретинско мнозинство, тоа не е пречка за почеток на издржување на затворската казна“, објаснува адвокатот Александар Тортевски.

Забуната најчесто произлегува од мешањето на категориите „пратенички мандат“ и „пратенички имунитет“. Што е разликата? Неповредливоста на пратеникот (процедурален имунитет) се однесува на кривичните дела сторени надвор од претставничкото тело. Тој вид имунитет не значи дека против пратеникот не може да биде покрената постапка за утврдување на кривична одговорност, или дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело. Процедуралниот имунитет значи само неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Ако Собранието не одобри притвор, пратеникот ќе биде веднаш пуштен на слобода, дури и ако пратеникот не се повикал на имунитет.

Членот 65 од Уставот е јасен!

Во случај со пратеничкиот мандат, ситуацијата е поинаква. Законот предвидува две опции: „престанување“ и „одземање“ на мандатот. На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, по неколку основи: ако поднесе оставка; ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години; ако настапи случај на неспоивост со функцијата пратеник; ако му престане државјанството на Република Македонија; ако со правосилно решение биде лишен од деловната способност, и во случај на смрт. Од друга страна, на пратеникот може да му биде одземен мандатот, кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски во парламентот сега се бара заради „осуда за кривично дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник“.
Адвокатот Драган Малиновски има дилеми дали е тоа вистинската основа по која треба да постапува Собранието. Тој смета дека Собранието треба да констатира престанување на мандатот на Груевски, а не да води постапка за одземање.

„Членот 65 од Уставот вели дека ‘на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години’. Занчи, не според тоа колку години затворска казна некој (Груевски две), туку ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Други обвинети во овој случај добија и повеќе од пет години затворска казна. Кога го велам ова, го имам предвид и членот 23 од Кривичниот законик: ‘Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот’, со што поттикнувачот и сторителот на делото се изедначени во санкциите. Од тие причини, сметам дека Собранието треба само да констатира престанок на неговиот мандат, а не да пристапува кон гласање за одземање на мандатот поради недостојност за извршување на функцијата пратеник“, објаснува Малиновски.

Тест за вмровците

Доколку парламентот остане на варијантата „одземање на мандатот“ и не обезбеди двотретинско мнозинство за тоа, Груевски сепак ќе мора да оди на издржување на казната затвор. Во таков случај, по шест месеци отсуство, Собранието само ќе го констатира престанокот на неговиот пратенички мандат. Во таков случај, согласно листата на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори, пратеничкто место на Груевски ќе го заземе Ѓорги Камчев. Дали тоа ќе биде по половина година или до крајот на месецов, зависи од тоа дали Собранието ќе ги разгледа овие правнички сугестии за основа за престанок на мандатот, или ќе остане на варијантата да гласа за негово одземање.

Даниела Рангелова поднесе оставка на функцијата претседателката на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, по што оставки поднесоа уште три членки на раководството на Унијата

Во вториот случај, имањето или немање двотретинско мнозинство ќе биде одраз единствено на актуелните внатрешни превирања во опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на односот кон поранешниот, а сега почесен претседател, Никола Груевски, за кои многумина тврдат дека и натаму ги влече сите конци во партијата.

На таков тест пратениците ќе бидат во време кога партијата се соочува со нови осипувања од партиските тела. Поради несогласување со политиката на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Даниела Рангелова, вчера поднесе оставка на функцијата претседателката на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, со која по автоматизам беше и член на Извршниот комитет. Веднаш потоа оставки си поднесоа генералната секретарка и потпретседателката нa Унијата, пратеничките Лилјана Затуровска и Лилјана Кузмановска. Четвртата која доцна синоќа поднесе оставка на функцијата е Ирена Тодороска, претседателката на Комисијата за труд и социјална политика и потсекретар во секретаријатот на Унијата на жени. Но, вчерашната бура не заврши со тоа. Неодамна разрешниот потпретседател на партијата, Митко Јанчев, синоќа не стигна да учествува во емисијата „Отворено“ на ТВ „24“, како што соопшти, поради смртните закани што ги добиле тој и членовите на неговото семејство.

Извор: ипортал. мк