|

Манолева: Велешката болница лани формира кабинет за дојка – установата зајакната со опрема, реализирани 63 вработувања

Заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева, денеска, беше во работна посета на Општата болница во Велес, каде што реализира средба со менаџментот на установата во однос на реализираните активности во изминатите години.

Манолева потенцира дека велешката болница покажала како треба да работи една јавно-здравствена установа.

„Велешката болница во изминатите пет години инвестира во нова опрема и кадар, како и во подобрување на инфраструктурата. За овие неколку години, се набавија фибер-ендоскоп, апарат за анестезија, рендген-апарат, видеоколоноскоп, ултразвучен колор доплер апарат за кардиолошки прегледи, како и ултразвучен ЕХО-апарат, колор доплер апарат за гинекологија и опстетриција. Исто така, установата се зајакна и со санитетско возило ‘фолксваген’, респиратор, телескоп, уретро-реноскоп, батериски борер за одделот урологија“, рече Манолева.

Во изјава за медиумите таа информира дека, покрај обезбедувањето опрема, основан е кабинет за дојка, а кабинетот за компјутерска томографија почна со континуирана работа, каде што пуштени се максимален број прегледи со 24-часовна покриеност од докторите во Скопје.

„Тука првпат се воведе нова методија на одделот за ортопедија, каде што успешно се изведуваат ендопротетски операции. Како што ме информира директорот, во план е воведување очно одделение за операција на катаракт со ФАКО-метода, како и отворање ургентна единица, каде што ќе се згрижуваат сите пациенти на едно место. Реализирани се 63 вработувања на неопределено време, со што се унапредија условите за третман на пациентите. Верувам дека со истото темпо продолжуваат и во следниот период, ја имаат поддршката од Министерството за здравство“, изјави Манолева.



Слични Објави