„Марш на ангелите“: Блиските на настраданите нема да се откажат додека не добијат правда
Семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска повторно ќе излезат на протест, барајќи правда за своите деца. „Маршот на ангелите“ ќе започне во 18 часот и 5 минути. Собирот освен израз на почит кон загинатите и поддршка за сите што беа повредени во несреќата, е и гласен потсетник на пропустите на надлежните институции, чие дејствување, според семејствата, било недоволно за да се спречи настанатата трагедија.
Блиските на настраданите се доследни во своето барање – да добијат правда, а како што најавуваат, нема да се откажат додека тоа не се случи. Маршот ќе се движи по истата рута како и претходно: од Паркот на револуцијата, низ трговскиот центар, пред зградата на Општина Кочани, потоа до полициската станица, Основниот суд и Обвинителството во градот.

