Бугарија на второ место во Европа според квалитетот на водите за капење за 2024 г.
Бугарија се најде на престижното второ место во европската ранг-листа за проценка на водите за капење за сезоната 2024 година. Оценката и интерактивната мапа се изработени од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во соработка со Европската комисија и ги истакнуваат локациите ширум Европа, каде што капачите можат да уживаат во добро управувани и безбедни места за капење.
Проценката ја проверува соодветноста на водите за капење со посебен фокус на следење на бактерии кои можат да предизвикаат сериозни заболувања кај луѓето.
Во истражувањето биле евалуирани над 22.000 места за капење во сите 27 земји-членки на Европската Унија, како и во Албанија и Швајцарија. Во пет држави – Кипар, Бугарија, Грција, Австрија и Хрватска – дури 95% или повеќе од водите за капење се со оценка „одличен квалитет“. Во ЕУ, само 1,5% од водите за капење биле класифицирани како „со лош квалитет“.

