| |

Николета Фархат – Бугарката што веќе 20 години ги креира уникатните везови на креациите на светски познатиот дизајнер Ели Сааб

Николета Фархат, бугарска дизајнерка со долгогодишна кариера во Либан, неодамна ја доби престижната награда „Златна игла“ за дизајнер на годината, откако се врати во Бугарија и го основа својот бренд NF. Maison De Couture.

Фархат е позната како автор на извонредните везови што ги краселе креациите на светски познатиот дизајнер Ели Сааб. Таа со години работела во неговата модна куќа во Бејрут, каде што се истакнала со чувството за детали и вештината во изработката на сложени рачни везови. Нејзини креации биле носени од ѕвезди како Џенифер Лопез, Бијонсе, Анџелина Џоли и Џулија Робертс.

„Во животот ништо не е случајно“, вели Фархат за својот пат, кој започнал уште во детството, кога почнала да шие покрај својот татко. По студиите по мода и дизајн во Софија и првото ателје во Ќустендил, животот ја однел во Либан, каде што создала семејство и успешна кариера во високата мода.

По политичките и економските кризи во земјата, како и по разорната експлозија во Бејрут во 2020 година, таа се враќа во Бугарија. Иако продолжува да соработува со Ели Сааб како фриленсер, во 2024 година го основа својот бренд, фокусиран на висока мода и рачна изработка со исклучителен квалитет.

Нејзините креации се препознатливи по сложените везови, изработени со специјални техники и материјали, како и по прецизната изработка. „Сè мора да биде беспрекорно – и однадвор и одвнатре“, вели таа.

Денес, Николета Фархат создава вечерни тоалети, костими, комбинезони и наметки, инспирирани од природата и женственоста, потврдувајќи дека врвната мода може успешно да се создава и во Бугарија.



Слични Објави