Централните банки во еврозоната ќе менуваат левови во евра до 2 март 2026 година
Националните централни банки на 20-те земји членки на еврозоната ќе вршат размена на бугарски левови во евра во периодот од 1 јануари до 2 март 2026 година, соопшти Бугарската народна банка. Оваа мерка е поврзана со пристапувањето на Бугарија кон еврозоната од 1 јануари 2026 година.
Размената ќе се врши бесплатно, по фиксниот курс од 1 евро = 1,95583 лева. Централните банки ќе применуваат дневен лимит од 2000 лева по лице и трансакција, согласно правилата што важат при воведување на еврото во нова земја членка.
Размената ќе биде возможна на специјално определени локации во централните банки на земјите од еврозоната, без наплата на такси или провизии. Целта е да се овозможи непречен премин кон еврото и сигурна размена на националната валута и надвор од Бугарија, во првите два месеца по воведувањето.
Во самата Бугарија, граѓаните ќе можат да разменуваат левови во евра во комерцијалните банки и во филијалите на „Бугарски пошти“ до крајот на 2026 година, при што до средината на годината услугата ќе биде бесплатна. Бугарската народна банка, пак, ќе врши размена без надомест и без временско ограничување.

