„Марш за ангелите“ – шест месеци од трагедијата во „Пулс“
Денеска се одржа протестниот „Марш за ангелите“ по повод шест месеци од пожарот во ноќниот клуб „Пулс“. За разлика од претходните маршеви што започнуваа во 18:05 часот, овој пат маршот беше дневен и со скратена рута.
Во 15:35 часот, родителите на настраданите млади и нивните поддржувачи тргнаа од „Паркот на Револуцијата“ и директно се упатија кон судот и обвинителството, каде што побараа правда и отчетност од институциите.
„Ова не е само несреќа. Ова е трагедија што можеше и мораше да се спречи. Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или на невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност,“ изјави Васка Лазарова, мајка на починатиот фудбалер Андреј Лазаров.
Таа ја посочи и директната вина: „Знаеме кој ги отворил вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре луѓе два пати повеќе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи,“ нагласи Лазарова.
Пред Судот, таа праша зошто институциите не реагирале и кој дозволил „Пулс“ да работи без дозволи, со единствен излез и без безбедносни системи. „Институциите не се независни тела – тие се дел од државата. Ако тие не ја завршила работата, тогаш и државата има одговорност. Затоа велиме, не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите. Одговорност за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство,“ рече Лазарова.
По обраќањата, учесниците продолжија кон полициската станица во Кочани и кон Управата за јавни приходи, а маршот заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
За вечерва во 20 часот таму е закажан нов собир со наслов „Светлина за 62. Ангели“, по повод шест месеци од трагедијата. Во 20:30 часот ќе бидат пуштени 62 балони во знак на сеќавање, а присутните со светлата од своите мобилни телефони ќе испратат симболична светлина кон небото за 62. изгубени животи.
