| |

МБСК: Се интензивира соработката меѓу македонските и бугарските компании

Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра, а во 2022 година, годишната трговија меѓу двете земји надмина една милијарда евра, беше речено на средбата на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) и Амбасадата на Република Бугарија со бизнис секторот од двете држави.

Целта на средбата, како што информира Комората, беше подобрување на соработката меѓу компаниите од различни дејности.

Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои ја основаа, развиваа и зајакнаа Комора. Тој изрази верба дека со амбициозната програма на новоизбраната претседателка на МБСК Биљана Митева, на институцијата и претстои „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

На средбата присуствуваше и сопругата на бугарскиот амбасадор во РС Македонија, г-ѓа Билјана Ангелова, која што ги потсети присутните да излезат на  12 декември во 12 часот на плоштадите во градовите или во институциите каде што работат, за да му кажеме сите СТОП на домашното насилство.

Оваа година Ангелова одбра акцентот да биде насилството врз децата како (ин) директни жртви.

Трета година по ред сопругата на бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов, Билјана Ангелова, е иницијатор и организатор на кампањата ,,СТОП на домашното насилство ” во РС Македонија. Во таа иницијатива се вклучени Шелтер центарот за згрижување на жени и деца жртви на насилство, на чело со Неда Смилевска и Организацијата на жени на Град Скопје, со прв човек Томка Дилевска.

За Митева, МБСК е сериозен предизвик.

-Имам голема одговорност и чест, бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година, има многу успешни проекти. Претставува предизвик да бидат надминати сите предизвици со цел соработката меѓу бизнисот и  институциите во нашите две земји да бидат ставени во функција на успешна деловна клима, истакна Митева во обраќањето.

Трговското атеше на бугарската амбасада Красимир Драгнев информираше дека на 7 декември во Софија се одржува бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двете земји. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје под покровителство на министрите за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.



Слични Објави