Меџити: Нема потреба за загриженост, законот за бранителите нема да помине, во СДСМ преку ноќ станаа националисти
Владата има демократски и политички капацитет да ги решава проблемите внатре во владината коалиција, рече денес министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити, откога во јавноста владините партнери покажаа спротивни ставови за предложениот закон за бранителите. Министерот Меџити смета дека не е во прашање законот за бранителите, туку дилемата како СДСМ, партнерот на ДУИ, која осум години промовира граѓански концепт врз основа на кој собираше и албански гласови и имаше високи функционери во своите редови, преку ноќ предлага закон за бранителите.
„Дилемата се поставува дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или тоа беа истите кои преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон. Не им е грижа ни за бранителите, ни за УЧК, нив им е грижа како да се спасат од одговорноста. Нема потреба за загриженост бидејќи тој закон нема да помине“, рече министерот Меџити.
Тој нагласи дека оваа Влада има историски најстабилно мнозинство од деведесеттата година навака и со 78 пратеници има капацитет да ги решава проблемите во владината коалиција.
Владината коалиција за која Меџити вели дека е досега најстабилната кај нас, покажа различни ставови за законот за бранители поднесен од СДСМ. Потпретседателот на Вреди, Халил Снопче изјави дек аќе ја напуштат коалицијата доколку законот биде изгласан, а премиерот Христијан Мицкоски кој недвосмилено кажа дека ги поддржува бранителите, рече дека нема да толерира уцени и кусо му порача „со среќа“.
