Меџити за бебето што почина во Битола: Се родило живо, имало тахикардија и обид за оживување
Не се знае од што починало бебето во битолската Гинекологија. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека бебето било родено со тахикардија, а родилката е од Битола и има 24 години. Како било постапено при породувањето – ќе утврдуваат комисии од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Денеска, бевме тука да видиме каков бил случајот. Утре, од ДСЗИ ќе испратиме комисија од инспектори за да утврдат која била причината. Според првичниот извештај, тоа било родено живо, со тахикардија, имало белодробрно-срцево оживување, понатаму ќе кажеме сè кога ќе имаме дефинитивни резултати од институциите“, рече Меџити.
Тој додаде дека дошол во посета на болницата за да види каков е пропустот и што може да се подобри.
„Тука сме за да видиме каков е пропустот и што може да се подобри. Длабоко сочувство за младата родилка за изгубеното бебе“, додаде Меџити.
И за случајот кој пред три недели ја потресе јавноста, кога при лекување почина петгодишната Јана, Меџити рече: „И за Јана чекаме конкретен извештај од обдукцијата“.
