|

Меџити: За првпат отворивме специјализации на тетовскиот универзитет

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, денеска се обрати на свечената церемонија по повод доделувањето специјализации на здравствени работници на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово.

„Посебно ме радува што ова е прва генерација специјализанти на Медицинскиот факултет во Тетово. Сите овие млади доктори, кои ќе го продолжат професионалното доусовршување и стручна надградба во оваа високообразовна установа, во иднина ќе ги зајакнат капацитетите на нашиот здравствен систем.

Континуираната стручна надградба е клучна за здравствените работници и токму затоа Министерството за здравство е посебно посветено на оваа област. Со Програмата за специјализации и супспецијализации која Министерството ја донесува на годишно ниво, за годинава само за Универзитетот во Тетово се доделени вкупно 25 специјализации за јавните здравствени установи, како и 34 за приватните здравствени установи“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити.

„Станува збор за бројни медицински области, а посебно ме радува што меѓу нив има и дефицитарни области, како што се педијатрија, гинекологија и акушерство, кардиологија, како и специјализации од областа на општа хирургија, интерна медицина и други. Исто така денес ќе се доделат 40 индекси и за вториот циклус на специјализации во други медицински дејности.

Огромна е честа што во моето време како министер првпат во историјата се отворени специјализации на овој факултет. Ќе продолжам да вложувам во младиот кадар, со цел да ве задржиме тука, близу вашето родно место. Јас сум тука зад вас, да ве бодрам и туркам напред.

На крајот, сакам да ви честитам уште еднаш на доделените специјализации и да ви посакам успешно завршување, како и многу професионални успеси во иднина“, изјави министерот Меџити.

Слични Објави